Бабунски верува во добар резултат на важниот натпревар со Норвешка

Младата македонска фудбалска репрезентација составена од играчи до 21 година се наоѓа пред уште една пречка на патот кон баражот за Европското првенство 2015. Избраниците на селекторот Бобан Бабунски утре ја пречекуваат Норвешка во четвртиот дуел од квалификациите во кои до сега имаат по една победа, нерешен резултат и пораз.

– По двата гостински натпревари во кои покажавме одредени недостатоци, со Азербејџан видлив беше напредокот во нашата игра. На добар пат да оствариме позитивен резултат и против Норвешка. Работевме напорно, ја анализиравме играта на Норвешка од претходните натпревари, ги увидовме нивните предности и недостатоци и сега сме фокусирани на нашата игра. Пробавме неколку варијанти, но 90 отсто од составот е познат. Ќе биде тежок натпревар, но се зависи само од нас. Подготвени сме и сами одлучуваме за нашата судбина, изјави Бабунски за официјалната веб страна на ФФМ.

Тој бара поддршка од публиката за полесно да се стигне до посакуваниот резултат на важниот дуел.

– За нас натпреварот против Норвешка е како „бараж дуел“ и од резултатот против Норвешка ќе зависи нашиот евентуален напредок во квалификациите за Европското првенство, смета македонскиот селектор.

Бабунски за натпреварот со Норвешка на располагање ќе го нема Мартин Блажевски поради заработени два жолти картони, но во составот на „црвено-жолтите“ се враќа Александар Дамчевски.

Натпреварот Македонија – Норвешка од квалификациите за ЕП во Чешка се игра утре со почеток од 19 часот и 30 минути на Националната арена „Филип Втори“ во Скопје. Влезот е слободен.

Најчитани вести