Цел на сопственикот на Интер, клубот и Серија А да го вратат стариот сјај

Ерик Тохир новиот сопственик на калчолигашот Интер денеска изјави дека инвестирал во клубот за да го врати на врвот на Европа, а има желба и Италијанското фудбалско првенство да биде силно како во минатото.

– Во моментов најважно ми е Серија А повторно да стане силна и да ја врати популарноста во Азија како некогаш поради тоа што се работи за голем пазар. Ќе се обидеме во Интер првите две години да создадеме профит, а потоа ќе размислиме и за тоа дали ќе градиме нов стадион или ќе останеме на „Џузепе Меаца“, изјави индонезискиот бизнисмен и сопственик на Интер.

Тохир кој неодамна купи 70 проценти од акциите на Интер додаде дека клубот кон врвот на Европа ќе оди чекор по чекор и посакува во 2016 година кога финалето во Лигата на шампионите ќе се игра во Милано, „неро-азурите“ да го освојат елитното натпреварување.

Индонезиецот му дава целосна поддршка на тренерот Валтер Мацари.

– Задоволен сум од тренерот Мацари, а во зимскиот преоден рок ќе се обидеме да донесеме неколку засилувања. Знаеме дека преку ноќ нема да дојдат резултатите но системот кој го градиме е за неколку сезони и не е краткорочен, истакна Тохир.

Интер сезонава по 12 одиграни кола е на четвртото место на табелата во Серија А со 25 освоени бодови, седум помалку од лидерот Рома.

Најчитани вести