По одигрувањето на реванш баражите синоќа репрезентациите на Хрватска, Франција, Португалија и на Грција изборија пласман на Светското првенство што следната година ќе се одржи во Бразил.
Франција направи најголем подвиг откако негативата (0:2) од Украина ја анулираше со 3:0 на „Сент Дени“ во Париз. Головите за „триколорите“ ги постигнаа: Мамаду Сако, Карим Бензема и Олег Гусев (автогол).
Возбудливо со пресврти беше на дуелот Шведска – Португалија, кои гостите го добија со 3:2 и со вкупни 4:2 се пласираа на Мундијалот.
Португалија поведе со 1:0, потоа Шведска за четири минути имаше водство од 2:1, а Португалија за две минути го врати водството и победата.
Златан Ибрахимовиќ за Шведска постигна два гола, а Кристијано Роналдо за Португалија хет – трик.
Хрватска го победи Исланд со 2:0 во Загреб што беше и вкупен резултат, а головите ги постигнаа Марио Манџукиќ и Дарио Срна.
Единствено без победник заврши дуелот во Букурешт, Романија – Грција 1:1, но поради победата на домашен терен Грција се пласира на СП.
Гостите поведоа преку Константинос Митроглу, а изедначи со автогол Василеос Торосидис.


