Редакцијата на „Коза ностра“ истражувајќи зад завесите зад кои се работи новата барокна фасада на зградите на Владата на РМ, дојде до скандалозно откритие: таа се изработува од лего-коцки. Со тоа се потврдија сомнежите на некои независни медиуми дека фасадата се прави од пластика. Станува збор за стил во архитектурата познат како лего-барок, кој се применува во повеќе забавни паркови во светот. Од Владата ниту ја потврдија ниту ја демантираа оваа информација.
– Ако е ова вистина, тоа ќе биде феноменално, вистинска атракција. Одамна од мајка ми и од татко ми имам побарано да ми купат лего-коцки за да си правам познати згради од мојот град, а сега тој сон ми го оствари Владата – вели едно 4-годишно момче.
Досега не е познат случај фасада на владин објект да биде направена од лего-коцки, но архитектите на „Скопје 2014’ смируваат дека тоа не се обични лего-коцки, туку оригинални, со декларација за истрајност и квалитет. Тие објаснуваат дека со правилно одржување, лего-коцките треба да се менуваат на секои десет години, што не е голем трошок и се решава само со еден анекс на договорите за изведување на „Скопје 2014“.
извор: Коза Ностра, портал за сатира и измислени вести


