АБА лигата ја одби жалбата на Будуќност

Директорот на регионалната кошаркарска АБА лига Јосип Билиќ донесе одлука да се одбие жалбата на Будуќност и натпреварот од 8.коло против Унион Олимпија да се регистрира со постигнатиот резултат 78:76 за словенечкиот тим.

Црногорскиот претставник по натпреварот одигран во Подгорица поднесе жалба поради признаената тројка од страна на гостинскиот играч Јаков Владович, за која домаќините сметаат дека е дадена по истекот на времето.

Во образложените околу одбивањето на жалбата директорот на АБА лигата се повикува на изјавите на тројцата судии кои рекле дека кошот на Владович е регуларен, како и на ФИБА службените правила кои им даваат ингеренции на судиите да одлучуваат за времето.

– Тешко може во дадениот момент со сигурност да се донесе правилна одлука. Во други спортови во слични ситуации се употребува фото-финиш или други софистицирани уреди кои во нашата лига ги немаме, изјави Билиќ.

Будуќност на одлуката донесена од директорот има рок од 24 часа да упати жалба до претседателот на АБА лигата Радован Лорбек.

Најчитани вести