Уапсен таксист кој возел без положен ТОЕФЛ

Скопски таксист вчера бил уапсен откако при рутинска контрола полицаецот открил дека вози без положен испит ТОЕФЛ. Таксистот му се видел сомнителен на полицаецот откако забележал касета “Assimil English” во радиокасетофонот на автомобилот. Полицаецот му наредил да ја пушти касетата, по што се слушнала познатата реченица од првата лекција: “My tailor is rich”. Полицаецот веднаш сфатил дека таксистот допрва учи англиски, па му наредил полека, со кренати раце во вис, да го напушти возилото. Повикал засилување и заедно со Алфите го уапсиле таксистот, а сите касети од едицијата “Учете англиски без мака” биле запленети. На распитот возачот се вадел дека испитот за ТОЕФЛ му бил веќе закажан за следната недела, но не сакал да го открие идентитетот на професорот по англиски кој му држел приватни часови и кој му ги дал спорните касети. На таксистот му е одреден триесетдневен притвор.

извор: Коза Ностра, портал за сатира и измислени вести

Најнови вести

Најново од Ракурс, Топ Вести

Најчитани вести