Откако првото издание на стихозбирката „Крикови од неископан гроб“ од Иван Антоновски предизвика голем интерес кај читателите и побуди бројни читателски одгласи и реакции, за што сведочи и податокот дека по само четири месеци од првото промовирање пред јавноста, веќе го немаше на полиците во книжарниците, издавачката куќа „Панили“ објави второ издание на оваа книга, соопшти денеска издавачката куќа „Панили“.
Во „Крикови од неископан гроб“ македонската книжевна критика препозна едно ново, мошне значајно поетско дело за современата македонска книжевност – дело во кое стиховите читани од поетска и естетска перспектива, сакаат да упатат порака дека со поезијата може да се победи, да се прочисти и да трансцедентира, пред сè, личната/индивидуалната историја, па и генеалогија, а преку тоа и колективната историја, велат издавачите.
Во второто издание на „Крикови од неископан гроб“, како предговор е приложен кртичкиот
текст „Блескава поетска енергија!“ од проф. д-р Кристина Николовска, а како поговор е приложен критичкиот текст „Крик-збор како празвук, крик – збор како сувенир“ од проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.
Песните од „Крикови од неископан гроб“, како што е нагласено и во текстот на Мојсова- Чепишевска, „го манифестираат она придвижување од сферата на високиот модернизам (темите како немоста и очајот пред ужасите на историјата, прашањата на етиката и отсуството на трансцедентното) кон постмодерниот хоризонт на кој се огласува човековата смрт и
„крајот на историската цивилизација“, а каде што почнува и технолошкиот иморализам, односно секојдневјето во кое силата го формира интересот, а интересот ја формира вистината. Криковите тука се јавуваат како кибернетско продолжение на сеќавањето, усовршен облик, кој својата илузија на автентичност ја црпи од надежта дека тие се силни и бесмртни како платонска форма, дека со нив може да се премости бездната на историјата, и индивидуална и колективна, да се изоди/дооди доверливиот пат кон „изгубеното време“, кое најчесто не е рајско.“


