Најдобриот играч на Реал Мадрид, португалскиот репрезентативец Кристијано Роналдо денеска изјави дека не е опседнат со „Златната топка“.
– Не размислувам многу за „Златната топка“. Знам дека доделувањето на наградата е во јануари следната година. Не сакам многу да зборувам за тоа, бидејќи не зависи само од мене. Не сум опседнат со наградата. Ќе видиме што ќе се случи, изјави Роналдо за шпанското радио „Кадена Копе“.
Португалецот кој во вторникот постигна хет-трик на баражот против Шведска и и помогна на својата репрезентација да се пласира на СП во Бразил, е еден од главните фаворити за освојување на наградата која се доделува на најдобриот фудбалер во изминатата година. На четирите претходни избори победи членот на Барселона и аргентински репрезентативец Лионел Меси.


