Дека многупати одредени медиуми во земјава објавуваат неточни артикли од други медиуми од странски држави со цел дезинформирање на македонската јавност, ширење верска нетрпеливост и исламофобија е и следниов пример.
Имено, се излезе со вест, пренесена од некој националистички српски сајт, дека во Нигерија муслиманите запалиле живи христијани! Побомбастичен наслов, здравје! Но, упатените во светските случувања и оние на кои интернетот не им е од вчера, веднаш ја забележаа лагата. И сликите на пеплосани тела и видеото каде луѓе навистина палат други живи луѓе се всушност материјали кои со години наназад се шират низ социјалните мрежи и youtube. Истите материјали не се однесуваат на жртви од христијанско-муслимански конфликт, туку од внатрешно племенски судири и проблеми, односно од други а не верски побуди.
За што конкретно станува збор, проверете на овие два линка:
(http://bit.ly/oPF5Bt) и (http://dailym.ai/WmOO1w)
Битно е да се напомене дека ниту исламот ниту пак муслиманите би поддржале вакво нешто и тоа никако не смее да им се припише на нив! Исламот категорично забранува било какво палење на други живи битија, а посебно не луѓе, па дури и со хадис (предание) од Божјиот пратеник Мухаммед строго се забранува казнување на луѓе со оган: „Не казнувајте ги луѓето со оган, затоа што само Бог ќе ги казнува со оган (пекол)!“
Апелирам до медиумите во Р. Македонија, до уредниците и новинарите, да не увезуваат вести мотивирани од надворешни верски конфликти кои поттикнуваат верска омраза, конфликти и исламофобија во нашата мултиконфесионална и мултиетничка држава и со тоа да не ги поткопуваат напорите за толеранција, разбирање и соживот кои мирољубивите граѓани долго време се трудат да ги воспоставуваат и градат. Во Македонија нема потреба од дестабилизација и верска или национална омраза, па затоа не бидете контрапродуктивни во однос на ова прашање. Муслиманското и христијанското население на овие простори, и покрај сите војни и поделби, со векови живеело во мир, па така треба да остане и во иднина.
АВТОР: Јасмин Реџепи


