Поттикнат од изјавата на министерот Тодоров дека за прв пат во Македонија ќе се пресадувало очна рожница и реакцијата на семејството на големиот доктор, професорот Димитар Миовски, чувствуваm потреба од име на моите покојни родители и брат да му кажам на младиот министер дека семејството на професорот со право реагира.
На мојот брат Ивица Кабранов, кој тогаш беше втора година на Металуршкиот факултет, професорот Миовски му дијагностира кератоконус (уништена рожница) на левото око. Уважениот професор без комплекси му кажа на татко ми дека требе да му се пресади рожница и дека тоа го прави тој, тука во Скопје, а такви операции се правеле и во Русија, Италија и Шпанија, колку што се сеќавам. Му предложил на татко ми да се информира и во тие центри и да одлучи. Татко ми имаше можност и преку нашите амбасади побара мислење од Русија и Италија. И од двете клиники доби ист одговор: „Зошто барате кај нас, кога за ваша среќа во Скопје го имате најдобриот стручњак за тоа од светски глас, професорот Миовски. И да не должам.
Миовски на брат ми успешно му пресади рожница од друго лице, лежеше повеќе од еден месец на очната клиника и во архивите таму сигурно има податоци за операцијата,која професорот потоа ја вметна и во некоја негова научна студија за презентација во странство. Во исто време, иста операција професорот му направи и на лице од Опатија кое беше дојдено по препорака.
Со тој човек од Опатија, после станавме семејни пријатели. Го викавме чичко Стево и со брат ми на лето одевме кај него на гости.
Моето семејство му беше бескрајно благодарно на скромниот професор Миовски и со татко ми останаа пријатели додека беа живи. Сакам да кажам дека кај нас, барем според мене, отсекогаш имало врвни стручњаци доктори. Друго прашање е во какви услови и со што работеле. Професорот Миовски сигурно е еден од оние во врвот на таквите доктори и затоа младиот министер пред да истрчува со вакви изјави, не заради друго туку заради вистината, треба да провери и да поднаучи што се се правело на клиниките години пред да стане министер. Заради вистината,не заради друго.А семејството на професорот Миовски и без признание од министерот, знае каков татко и дедо имале и што направил тој во неговата професионална кариера.
ИЗВОР: Либертас



