Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје Аеродром денеска значително ослабен без Тодор Гечевски, Ѓорѓи Чековски и Кирил Николовски отпатува во Израел каде што утревечер ќе го одигра натпреварот од 7.коло во Еврокупот против Макаби Хаифа. Во првиот натпревар помеѓу овие два тима кој се одигра во Скопје на почетокот на сезоната, поуспешен беше Макаби кој славеше со резултат 86:83. Тогаш во домашниот состав не настапија повредените Дамјан Стојановски и Кејд Дејвис.
– Одиме на гостувањето во Хаифа без Чековски и Гечевски кои останаа во Скопје да ги залечат старите повреди и подготвени да го дочекаат продолжението од сезоната. Исто така во тимот нема да биде ниту Кирил Николовски за кој е сеуште рано да влезе во игра по долготрајната пауза, па поради тоа поголема шанса за настап на мечот ќе добијат младите Љубомир Младеновски и Михајло Арсоски, изјави тренерот Влада Вукоичиќ за веб-страната на клубот од Аеродром.
Според него противникот е апсолутен фаворит и како што вели, се работи за одличен атлетски тим кој игра слободна игра во нападот, со многу превземања и комбинирана одбрана на другата страна. Натпреварот Макаби Хаифа – МЗТ Скопје Аеродром ќе се одигра утревечер со почеток во 19 часот.
МЗТ во досегашните 6.кола има една победа и пет порази и е последен во Г-групата, додека израелскиот претставник со ефект од 4-2 (победи-порази) се наоѓа на второто место зад лидерот Уникс Казан.


