Ниту сум глумел повреда за да го гледам Партизан ниту сум го кажал тоа за било кој српски медиум, вели ракометарот на Металург Наумче Мојсовски во изјава за спортскиот портал Екипа откако српскиот портал Мондо објави наводно негова изјава во која тој вели дека летово кога со Металург бил на подготовки на Златибор дури одглумил дека е повреден за да може да го гледа Партизан во дербито со Црвена Ѕвезда.
–Апсолутно демантирам такво нешто, ниту пак сум кажал такво нешто за било кој српски медиум. Очигледно дека во разговорот се вметнати и некои новинарски конструкции, затоа што јас немам кажано такво нешто. Сакам преку Екипа да ја информирам јавноста дека Наумче Мојсовски не лажира повреди, дека е ракометен професионалец, а како потврда на тоа и фактот дека токму тоа дерби го гледавме на ТВ екраните на Златибор, заедно со соиграчите- вели Мојсовски.


