Во сабота, во клуб-ресторанот на Младинскиот културен центар со почеток во 19 часот, ќе се одржи промоција на првата збирка поезија на Дарко Лешоски насловена „Дете од лоша фамилија“ чиј издавач е „Табернакул“.
Промоцијата ќе биде од неформален и отворен карактер. За „ликот и делото“ на Лешоски накратко ќе зборува неговата професорка Маја Бојаџиевска, а претставник од „Табернакул“ ќе каже збор-два зошто баш оваа издавачка куќа ја издава првата книга на Лешоски. По една песна ќе читаат актерките Синоличка Трпкова и Весна Петрушевска – на нивна желба и на задоволство на авторот.
За Дарко, за неговата поезија и пријателствата со него ќе зборуваат и новинарката Тина Иванова, неговата колешка Маја Марковска, поетот Јовица Ивановски и уште еден негов колега од „Оф-нет“, Сашо Мацановски-Трендо, за на крајот промоцијата да ја заокружат едноминутните „излагања“ на неколку негови другари.
За изборот на музика ќе се погрижи Соња Исмаил, a на многу невообичаен начин во текот на вечерта и во придружба на електронска музика стихови на Дарко ќе читаат и актерот Васил Зафирчев и Марија Зафирова, основач на „Театра“.
Mожеби за првпат во Македонија, еден книжевен настан ќе биде пренесуван во живо на интернет и тоа благодарение на пријателите од Скопје Кежуал. Настанот ќе може да се следи на : http://www.peechweizz.mk/p/live-stream.html
Веднаш после „официјалниот“ дел на промоцијата за првите 100 продадени примерока на книгата следува и подарок од винаријата Стоби – главен покровител на овој настан.



