Влегуваме во посакуваниот ритам. Имаме квалитетни играчи способни да одиграат големи натпревари. На последниот натпревар од Лигата на шампионите покажавме карактер и тимски дух. Верувам во успех и тврдам дека имаме големи шанси да победиме во елитното натпреварување, изјави за шпанските медиуми Герет Бејл, играчот на Реал Мадрид.
„Кралевите“ во средата со убедливи 4:1 го совладаа Галатасарај и покрај тоа што повеќе од еден час играа со играч помалку по исклучувањето на Серхио Рамос. Реал на едно коло пред крајот на групната фаза го обезбеди осминафиналето.
Бејл очекува да се врати неизвесноста и во борбата за врвот на табелата во Примера Дивизија каде по 14 кругови неговиот тим заостанува шест бода зад лидерот Барселона и три зад второпласираниот градски ривал Атлетико.
– И покрај тоа што на 14 натпревари имаме 11 победи, сепак веќе заостануваме зад конкурентите за титулата, податок кој покажува колку треба да си подготвен и максимално да се победува за да се биде на врвот. Ќе чекаме шанса и ќе се обидеме да ја искористиме секоја можност што ќе ни се укаже за да го освоиме лидерското место. Има уште многу да се игра, ние сме се подобри и очекувам напредок на табелата, истакна Бејл кој на 12 одиграни натпревари за „кралскиот клуб“ постигна шест голови.


