Антиќ благодарен за поддршката на натпреварите

Перо Антиќ, првиот Македонец во НБА, најдобрата кошаркарска лига во светот, за МИА вели дека е задоволен од досегашното искуство со тимот Атланта Хокс, за којшто ја игра првата сезона. Антиќ одигра девет минути во натпреварот кој Хокс вчера го загубија со 101 наспроти 108 поени против Волшебниците на гости во Вашингтон.

– Мислам дека е одлично да се отворат вратите за нашата држава. Пред се да се запознае народот тука. Никој не знаеше каде е, каква е Македонија, а сега сите се интересираат. Драго ми е за тоа. Тешко е да се навикнеш на овој начин на игра. Сепак доаѓаш од Европа. Колку и да си создал име таму, тука мораш одново да создаваш. Постепено се привикнувам, иако е тешко, но морам. Знаев и кога потпишав каде доаѓам, што ќе биде предизвик, како и што треба да се навикнам. Сега за сега сум задоволен, изјави Антиќ по натпреварот.

Антиќ признава дека привикнувањето на животот и играта во САД е напорно, но вели дека во тоа му помага поддршката од Македонците во градовите каде што гостуваат. И во Вашингтон, група македонски навивачи кои успеаја да се пробијат низ обезбедувањето го чекаа македонскиот центар на излезот од салата „Веризон“.

– Македонците се лудило. Секаде каде што бев сум одлично пречекан, одлично бодрен. Ви благодарам за тоа. Гледам да ги испочитувам сите колку што можам, иако според правилата на НБА нема можност многу да се останува по натпревар, бидејќи директно одиме на авион. Тешко ми е да им го објаснам тоа на навивачите, сепак ние сме балкански менталитет, а и јас сакам максимално да ги испочитувам. Се обидувам колку што можам, а им се извинувам на сите што нема да можам да им излезам во пресрет, вели Антиќ.

Перо Антиќ вели дека НБА е голема школа за него, и од самиот почеток бил подготвен да се соочи со сите тешкотии за да може да заигра со најдобрите светски кошаркари. Вели дека едно пријателство кое засега особено го цени е тоа со легендарниот ол стар Доминик Вилкинс, еден од најдобрите забивачи во НБА. Вилкинс, кој најголем дел од кариерата го помина во Хокс, сега работи во клубот.

– Со него сме израснале гледајќи го на телевизија, а сега одеднаш ми е пријател, другар, советник. Пријатно сум изненаден од него, вели Антиќ.

Во Вашингтон, Антиќ заигра во второто полувреме, во кое Атланта, која губеше во текот на скоро целиот натпревар, неколку пати му се приближи на Вашингтон и одржуваше неизвесност до самиот крај. Тренерот Мајк Буденхолзер, по натпреварот, потсети дека Вашингтон Визардс се во одлична форма.

– Има работи на кои треба да поработиме. Расположението во тимот ни е многу високо. Сепак, мораме да му оддадеме признание на Вашингтон, кои се одличен тим, изјави Буденхолзер по натпреварот.

Најчитани вести