Светската фудбалска организација (ФИФА) се согласи да започне консултации со домаќинот на Мундијалот во 2022 година Катар околу промена на термините на натпреварите.
Првично ќе се разгледува идејата за поместување на Светското првенство во месец ноември, наместо вообичаениот термин во летниот период.
ФИФА соопшти дека до август следната година ќе бидат остварени неколку средби на нејзини претставници со работната група која ќе биде предводена од претседателот на Азиската фудбалска конфедерација, шеикот Салман Бин Ебрахим Ал Калифа.
Конечната одлука се очекува да биде донесена кон крајот на идната или почетокот на 2015 година, на состанок на Извршниот комитет на ФИФА.
Поради екстремно високите температури во оваа земја, лобирањата да се преместат термините на Светското првенство од летниот во зимскиот период започнаа веднаш по добивањето на организацијата на Катар кој даде гаранции дека се ќе биде во најдобар ред и ако Мундијалот се игра во лето со тоа што сите стадиони ќе бидат климатизирани.


