Сергеј Самсоненко, главниот „виновник“ за создавањето на вадаровиот „дрим-тим“ изјави дека е задоволен од постигнато во досегашниот тек на сезоната и дека веќе нема да биде на клупата крај теренот за време на натпреварите на неговиот тим.
– Задоволни сме од постигнатото во Лигата на шампионите. Се соочувавме со многу објективни проблеми (повредени играчи), но и покрај тоа прикажавме добри игри. Првите 40 минути на гостувањето во Барселона беа најдобрите наши минути во елитното издание. Сега следува пауза во ова натпреварување и сметам дека нема потреба да бидам кај тренерското столче, рече на денешната прес-конференција првиот човек на македонскиот ракометен шампион.
Самсоненко информира дека по зимската пауза Вардар најверојатно ќе добие нов тренер, а се најавуваат и неколку засилувања од кои сигурно е доаѓањето на рускиот репрезентативец Сергеј Горбох.
На прес-конференцијата во пресрет на утрешната средба од СЕХА лигата со белорускиот претставник Брест Мешков своите очекувања ги искажа и тренерот Андон Бошковски.
– Посакувам 40.минути од Барселона утре да бидат 60. Ние сме фаворити, но во никој случај не смее да не залаже пласманот на Брест Мешков. Тие се квалитетен состав на ниво на Вардар, Металург, Загреб…, истакна Бошковски.
Натпреварот Вардар – Брест Мешков ќе се одигра утре со почеток од 17 часот и 45 минути во СРЦ „Кале“ во Скопје.
Вардар ќе настапи ослабен без Филип Лазаров и Алексеј Растворцев.
Македонскиот тим на 10 одиграни натпревари во регионалната СЕХА лига е трет со 22 бода (7 победи 1 нерешена и два пораза), додека Брест Мешков е на 5.место со 12 бода од седум натпревари (4 победи и 3 порази).


