Македонската кик бокс репрезентација од Светското првенство во Анталија, Турција се враќа со еден златен медал. Димитар Ѓорѓиев е победник во категоријата на 74кг. во кик лајт дисциплината, а со тоа златното момче од Светското првенство во Скопје 2011 година го повтори успехот.
До златниот медал Ѓорѓиев дојде победувајќи ги натпреварувачите од Латвија, Молдавија и Турција. Во финалната борба Полскиот натпреварувач беше немоќен пред прецизните удари на Димитар и доминацијата низ сите три рунди. Златниот медал беше освоен со 3:0.
Овој успех можеше да биде уште поголем, но спортската среќа не им беше наклонета на останатите членови на македонската репрезентација. Ненад Манојловски победи во борбите со натпреварувачи од Алжир и Бразил и стигна до борбата за бронзен медал, но за само еден поен остана без медал.
Милан Кубин, Далибор Огнанов, Кристина Стојчевска и Стевка Јанковска победија во квалификациите, а понатаму само нијанси ги одалечија од медалите. Сите се пласирани меѓу првите осум во светот, а за точните позиции ќе се знае по објавување на официјалните резултати.


