Споменикот на цар Душан вчера во доцните ноќни часови побегнал од мостот во центарот на Скопје, уплашен од заканите на Албанци дека ќе добие ќотек, дознава “Коза ностра”. Како што дознаваме, во бегството не учествувале други споменици од мостот. Засега никој не може да каже каде се упатил споменикот. Едни шпекулираат дека се крие на падините на Скопска Црна Гора, во општина Чучер Сандево, други дека е во Куманово, а некои одат дотаму што тврдат дека царот е на најбезбедно – во плакар во станот на пратеникот Иван Стоиљковиќ.
– Не ја исклучуваме можноста на тоа место да биде поставен друг споменик. Станува збор за Слободан Милошевиќ во седечка положба како пие кафе со Ѕинго, Латас и Бошко. Тоа е спомен од една легендарна историска средба во Белград која многу му значи на српскиот народ во Македонија – вели извор близок до српските структури во власта.
извор: Коза Ностра, портал за сатира и измислени вести



