Србија го комплетира списокот на четвртфиналисти на СП за ракометарки

 Ракометарките на Србија синоќа во последното осминафинале на Свесткото првенство што се одржува во нивната земја ја совладаа Јужна Кореја со 28:27 и се пласираа во четвртфиналето. Победничкиот гол го постигна Јелена Ериќ со звукот на сирената за крај на натпреварот.

Србија во поголемиот дел имаше предност, но противничките стигнаа само до изедначување.

Ракометарките на Вардар СЦБТ Андреа Лекиќ и Марија Лојпур за Србија беа дел од тимот, а Лекиќ постигна 8 голови (најмногу), додека Лојпур не се запиша во листата на стрелци.

Противник на Србинките во четвртфиналето ќе им биде светскиот првак Норвешка.

Норвежанките постигнаа убедлива победа над Чешка со 31:21.

Бразил ја продолжи серијата победи совладувајќи ја Холандија со 29:23, додека во еден од „дерби“ осминафиналните дуели Унгарија ја елиминира Шпанија со 28:21.

Завршија и натпреварите за пласман од 17 до 24.место.

Пласманот според резултатите е одреден и за селекциите кои се елиминирани во осминафиналето, па така од 9 до 24.место репрезентациите го имаат следниот редослед на вкупната табела: Црна Гора, Романија, Шпанија, Јужна Кореја, Холандија, Ангола, Чешка, Јапонија, Тунис, Кина, Аргентина, Конго, Парагвај, Алжир, Доминиканска Република и Австралија.

Во четвртфиналето ќе играат седум репрезентации од Европа и една од Јужна Америка (Бразил), а двојките за дуелите што се играат во среда се:

Бразил – Унгарија,
Полска – Франција,
Србија – Норвешка и
Данска – Германија.

Најчитани вести