Дуел на двајца пратеници од Битола, Менде Диневски од СДСМ и Лилјана Кузмановска од ВМРО ДПМНЕ. Буџетот ги раздели сограѓаните, Диневски преку амандманите бараше повеќе пари за конзулскиот град, а за Кузмановска „владата прави доволно“.
– Тие двајцата (Диневски и Бендевска) цело време ме прозиваат, сум била предавник и не сум гласала проекти за Битола. Добро, јасно е веќе, но дајте застанете да ги согледаме реално работите во буџетот – рече Кузмановска.
– Јас ве знам вас многу добро! Советник ми бевте во Советот и знаев како да ве насочам во дискусиите, ама тука, со толкава нервоза, не знам што ви е станато – рече Кузмановска.
Менде Диневски, ја запраша зачудено: „Не знам кај сум бил советник, да не сте орален хирург, да не оперирате? Советот на општина Битола е приватна своина на ВМРО ДПМНЕ, или Собранието на РМ, затоа што имате мнозинство е ваше?“
Пратеничката Лилјана Кузмановска потврдно климаше со главата на забелешките на Диневски, комотно гледајќи во собранискиот монитор на кој се гледаше само нејзиниот политички ривал, несвесна дека нејзините гестикулации ќе бидат забележани од друга камера.


