„Почитувана колешке Мехмети, вистина не знам што човек треба да има за да земе токмак во рака, а и не се занимавам со такви работи. Но, знам што сигурно нема. Токмакот ниту Ви ја врши работата, ниту им помага на луѓето. Кога ме прозивате за Законот за медиуми, да Ви заблагодарам за поддршката од Вашата пратеничка група“, напиша пред малку на Фејсбук пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски како одговор на одговорот на Ермира Мехмети од ДУИ на првичната провокација на Димовски.
Вчера директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник Илија Димовски преку Фејсбук ја повика Мехмети да им се придружи со токмак на демонстрантите од „пластичарската улица“ за заедно да ги урнат трансформаторите на ЕВН или да им ги плати сметките за струја, алудирајќи на акцијата на ДУИ за рушење на споменикот на цар Душан. На ова Мехмети одговри дека „би било добро Димовски да прифати дека Законот за медиуми кој го гласаше вчера му овозможува преку неговиот Центар за комуникации да им дели политички лекции на медиумите, но не мене. А за токмак, потребно е да имате нешто друго“.



