ЕП ја осуди репресијата во Белорусија, Никарагва, Куба и Буркина Фасо

Пратениците во Европски парламент денеска усвоија резолуции за Куба, Белорусија, Буркина Фасо и Никарагва поради репресија, кршење на човековите права, потиснување на граѓанското општество и слободата на медиумите.

Европратениците ја осудија систематската репресија што ја спроведува кубанскиот режим, повикаа на длабоки економски и политички промени во земјата и ја повикаа Европска Унија да воведе санкции кон одговорните за репресијата.

ЕП осуди бруталната репресија што го одржува режимот и побара итно и безусловно ослободување на сите политички затвореници и сите произволно притворени, крај на тортурата и целосна компензација за жртвите на тортура. На крајот од мај во Куба се регистрирани рекордни 1.281 политички затвореници, меѓу кои има и малолетни лица.

Европратениците бараат од Брисел да усвои целни мерки во рамките на глобалниот режим на санкции за човекови права на ЕУ против одговорните репресијата, вклучително и го кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел и раководството на воениот конгломерат ГАЕСА, кој контролира речиси половина од економијата на Куба.

ЕП упати критики и поради помошта на Куба во руската војна во Украина, продлабочувањето на воената соработка со Русија и сојузништвото со Белорусија.

Во резолуцијата за Никарагва, европратениците остро ја осудија систематската репресија на режимот, произволните притворања, исчезнувањата и злосторствата против човештвото. Тие побараа од Советот на ЕУ и од Европска комисија да го суспендираат Договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Централна Америка поврзан со Никарагва, ЕУ да се осигури дека нејзините и други фондови не помагаат во поддршката на режимот, како и да ги прошират санкциите кон претседателот Даниел Ортега и неговите соработници.

Во резолуцијата за Буркина Фасо, ЕП ги повика властите на земјата, кои ги распуштија и суспендираа организациите на граѓанското општество, да ја почитуваат слободата на здружување, собирање и изразување.

Пратениците оценија дека слободата на медиумите во Буркина Фасо е сериозно загрозена и повикаа на укинување на ограничувањата за медиумите и овозможување на слободна и безбедна работа на новинарите.

Во резолуцијата за Белорусија, ЕП ја осуди репресијата врз политичките затвореници, наведувајќи го случајот на Александар Пулиновиќ, кој беше уапсен во 2024 година, кога имаше 16 години и е осуден на повеќе од десет години затвор поради антивоени графити.

Европратениците ги повикаа ЕУ и меѓународните партнери да ги засилат напорите за обезбедување ослободување на политичките затвореници, да ги зајакнат и строго да ги применуваат целните санкции против оние што се одговорни за репресијата и да ги поддржат меѓународните напори за утврдување одговорност за злосторствата извршени од режимот на Александар Лукашенко. 

МИА

Најнови вести

Најново од Свет

Најчитани вести