Русија го поздрави потпишаниот Меморандум за разбирање помеѓу САД и Иран

Го поздравуваме договорот постигнат од далечина од претседателите на двете земји, Доналд Трамп и Масуд Пезешкијан, за прекин на воениот конфликт помеѓу САД и Иран. Ја забележуваме цврстата меѓусебна посветеност што ја покажаа Вашингтон и Техеран за строго почитување на условите од потпишаниот меморандум за разбирање. Ги поздравуваме енергичните и ефикасни напори на пакистанските и катарските медијатори за решавање на постојните разлики преку преговори, се наведува во соопштението на руското Министерство за надворешни работи.

Во соопштението се истакнува дека во претстојниот чувствителен и клучен период на развивање на сеопфатен договор, императив е сите страни вклучени во вооружениот конфликт строго да се придржуваат до постигнатите иранско-американски договори и да спречат нова опасна ескалација на тензиите во регионот, вклучително и во Либан.

Се надеваме дека воспоставувањето мир ќе придонесе за враќање на довербата во односите помеѓу државите од Персискиот Залив, а продолжувањето на безбедната и непречена пловидба низ Ормуска Теснина, како што беше до 28 февруари 2026 година, ќе помогне во намалувањето на нестабилноста на светските пазари на енергија и храна, што првенствено влијае на интересите на најранливите земји. Потврдата од страна на Иран за неговата непоколеблива посветеност на Договорот за неширење на нуклеарно оружје е најдобриот одговор на какви било напади и неосновани обвинувања против Техеран од страна на оние кои сакаат да ги доведат во прашање неговите легитимни права за развој и користење на нуклеарна енергија за мирни цели, посочи руското МНР.

Во соопштението се наведува и дека „од самиот почеток на неиспровоцираната американско-израелска агресија врз Иран, Руската Федерација даде објективна и бескомпромисна процена“, „задржа одговорна и принципиелна позиција во ОН и другите меѓународни форуми и направи сè што е во нејзина моќ за да ја намали конфронтацијата и да го олесни политичкото решение“. 

МИА

Најнови вести

Најново од Свет

Најчитани вести