Во Мостар живеат околу 1.000 патолошки коцкари

 Дека Мостар се претвора во легло на зависници од коцкање, покажуваат и податоците на Клубот за лекување на зависници „Д-р Владимир Худолин“, според кои во градот на Неретва живеат меѓу 700 и 1.000 патолошки коцкари. 

Меѓу нив се наоѓаат и поранешни познати лекари, инженери, но и момчиња на само 15-годишна возраст.

Психологот Марко Ромиќ, еден од директорите на Клубот, во кој моментално од коцкање се одвикнуваат 17 лица, истакна дека родители донеле момче од 16 години кое може да се вброи во патолошки зависник, имајќи предвид дека ги прокоцкал семејните пари и злато, а извршил и неколку кражби.

Тој наведува како пример и една 70-годишна жена која цела година својата пензија ја давала на коцкање.

– Сите нивни приказни се тешки, но и слични. Повеќето почнале да се коцкаат од забава уште во средно училиште, кога трошеле по само 50 евроценти кои родителите им ги давале за сендвич. Подоцна тоа станувало посериозно, па некои од нив останувале без семејство, домови, имот и работа, а сите го загубиле општествениот углед и статус, објаснува психологот.

Од Клубот предупредуваат дека толку големиот број на коцкари во Мостар е алармантен, па затоа општеството и државата треба итно да реагираат.

Власта подготвува закон за игрите на среќа, но тој главно се занимава со заштита на државата и сопствениците на обложувалниците, а не на поединците и семејствата, кои се први страдалници.

Клубот за лекување на зависници од коцкање во Мостар е формиран во 2010 година, а во него работат луѓе од Центарот за ментално здравје при мостарскиот Здравствен дом, кои се сретнуваат со зависниците еднаш неделно.

]]>

Најчитани вести