Во продолжение ви пренесуваме дел од колумната на Ерол Ризаов за Утрински весник: Како што се приближуваат изборите, така се зголемува бројот на арамии и измамници по глава на жител во Македонија. Ако продолжи со ова темпо медиумското откривање на криминалци во државата, нема да остане чесен човек. Бидете без грижа, тоа само така ви се чини, густината на разни крадци и разбојници со бели јаки и вратоврски е голема само на телевизија. Погледнете го јавниот обвинител Марко Зврлевски колку е спокоен, око не му трепнува. Човекот си е „кул“ оти знае дека ова се предизборни шарени балони за наивни гласачи на кои политичката чесна елита им даде неколку вреќи ориз и жито да го требат од уфак и од какол. Затоа и обвинителот не се претрга во отстрел на ситен дивеч и прелетни птици, најмногу зајаци, препелици и гугутки. Големите национални водачи и умови од поодамна се во легален бизнис, тоа се угледни деловни и семејни луѓе, врвни политичари, партиски лидери, претседатели, премиери, министри, пратеници, судии, менаџери, експерти, аналитичари, новинари… сите овие осум години, откако оваа власт објави војна на криминалот, работат исклучиво според законот. Всушност, по некојпат малку неетички, ама ништо страшно, бидејќи не ги кршат прописите, тендерските правила, строгите концесиски закони… Но, она што сакам посебно да го нагласам дека во оваа ТВ-наезда од разни хокштаплери и превеани измамници во нашата бранша најчесни останаа извесниот Миленко и неговата дружина. Овој наш политички шоумен е единствен кој има судска тапија дека е превоспитан. Човекот за време на кризните воени и повоени конфликтни години 2001, 2002 и 2003 година продавал американски визи со чист патриотски мотив да ги спаси луѓето од воениот виор. Така со свои соработници отворил „Американски правен центар“ во центарот на Скопје и со убави зборови им ветувал иселенички визи од прва категорија на граѓаните кои сакале да заминат на печалба. Така Миленко со соработниците инкасирал 8.116.098 денари, или точно 159.583 долари и една вишна врз шлагот од 600 евра. Судот за ваков мал престап 2008 година го осуди на условна слобода големиот патриот Миленко. Без ниту еден ден затвор, освен петте месеци поминати во притвор, Миленко беше казнет во условниот период од пет години да не направи повторно ново кривично дело, а за една година да им ги врати парите на 22 измамени граѓани колку што го тужеа. Ако не ги врати парите, да оди две години во затвор. Ете така со добра процена на судот во изминатите пет години Миленко не само што се поправи и стана чесен граѓанин за пример во Македонија туку е угледен и познат водител каде што покрај неговата чесна еснафска дружина со високи морални критериуми, гостуваат и претседателот на државата, премиерот, многубројни министри, пратеници, јавни личности кои беседат, меѓу другото, и за пресметката со криминалците и последните остатоци од бандите кои ја тероризираат државата и не и’ даваат да оди напред. Миленко, во придружба на високи политичари и функционери, и претседателот на државата лично, почна да патува низ светот, да дебатира на рамна нога со македонската политичка, интелектуална и новинарска елита. Во емисиите кај овој високоморален човек се рекламираат и промовираат Владата и познати компании. Едното си оди со другото. ]]>


