САД бараат спроведување на договорот во Украина

Американската дипломатија оцени дека потпишаниот договор за крај на пресметките во Украина бргу се спроведува и дека односот на силите во украинското Собрание,  е целосно сменет и овозможува целосно спроведување на договорот, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Но според Стејт департментот, ситуацијата се уште е кревка и има големи тензии на улиците. Постигнатиот договор, според САД, не содржи решение и за идната ориентација на Украина, кон Европската унија или кон поблиски контакти со Русија.

Претседателот Барак Обама вчера, на своја иницијатива, имаше телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин, за состојбата во Украина.

Во соопштенијата на кабинетите на двајцата претседатели не се откриваат детали за разговорот кој траел повеќе од еден час.

Во соопштението на Белата куќа се вели дека Обама рекол дека е потребно брзо спроведување на политичкото решение и стабилизирање на економската ситуација.

Кремљ, пак, порачува дека претседателот Путин ја истакнал потребата да се работи со радикалната опозиција, која ја довела ситуацијата во Украина до многу опасна точка.

Стејт департментот вчера одржа уште еден брифинг на кој, преку анонимен висок дипломатски претставник, беа изнесени американските погледи на ситуацијата во Украина.

Според Стејт департментот, договорот не содржи одлука за геостратешката иднина на Украина.

– Ќе забележите дека во сработеното во изминатите 24 часа нема ниту збор за идната ориентација на Украина, за царинската унија со Русија или за договорот за асоцијација со ЕУ. Чувството тука е дека Владата и опозицијата разбираат дека првенствената задача е да се стави крај на насилството, да се врати стабилноста, политичката рамнотежа, да се избере Влада на национално единство која ќе ја поведе земјата кон економска стабилизација, во најдобар случај преку Меѓународниот монетарен фонд, а потоа да има нови избори кои ќе и овозможат на Украина демократски да направи избор за тоа каде ќе оди во иднината, изјави анонимниот висок претставник на Стејт департментот.

САД понатаму го истакнуваат гласањето за смена на министерот за внатрешни работи Захарченко кој, според Вашингтон, е одговорен за крвопролевањето на улиците на Киев.

– Не знам како е можно да се ослободите од министер за внатрешни работи во украинскиот контекст, но тој е човекот за кого украинскиот Парламент кажа дека е потребно да си оди, изјави претставникот на Стејт департментот на вчерашниот брифинг.

Според Стејт департментот не е невообичаена одлуката на украинскиот претседател Јанукович да замине за градот Харков, на границата со Русија, бидејќи тој регион е неговата главна политичка база и претседателот мора да изврши консултации по потпишаниот договор.

Претставникот на Стејт департментот рече дека има шпекулација и дека министерот за внатрешни работи Захарченко заминал во Белорусија, но за тоа нема потврда.

Од дипломатските контакти, Обама вчера имаше и телефонски разговор со германскиот канцелар Ангела Меркел, додека државниот секретар Џон Кери разговараше со лидерите на украинската опозиција на кои им честитал за покажаното лидерство.

Секретарот за одбрана Чак Хејгл, кој информираше дека украинското Министерство за одбрана подолго време одбива да разговара со него, вчера исто така се слушнал со украинскиот колега.

Но, според Стејт департментот, клучната улога во контактите со украинските власти ја имал потпретседател Џо Бајден, кој завчера вечер телефонски разговарал со претседателот Јанукович, со кого беше во чест контакт во текот на кризата.

– Ова беше многу важен дипломатски канал за нас. Ако ги погледнете датите на разговорите на потпретседателот Бајден со Јанукович ќе забележите дека тие беа во решавачките моменти, кога тој беше пред избор дали да прогласи вонредна состојба, или да ја изнесе армијата на улиците, беше кажано на брифингот на Стејт департментот.

Дополнително, Вилијам Барнс, првиот заменик државен секретар на САД, ќе отпатува во Киев на почетокот на следната недела, додека помошникот државен секретар за Европа Викторија Нуланд се очекува таму на почетокот на месецот.

Како потенцијални проблеми во спроведувањето на договорот, според Стејт департментот, се радикалните групи на страната на опозицијата, кои најавиле дека нема да го почитуваат договорот за уставни реформи, нема да го предадат своето оружје, и нема да се повлечат од државните згради кои ги освоиле.

– Патот напред ќе биде многу многу тежок и комплициран, и ќе биде потребна многу поддршка од меѓународната заедница, беше оценето на брифингот за Украина.

Стејт департментот не ја коментираше одлуката на рускиот пратеник на разговорите, Владимир Лукин, да не го потпише договорот за Украина.

Претставникот на Стејт департментот навести дека Русија има интерес во политичката и економската стабилност на Украина, велејќи дека руските банки држат украински хартии во вредност од околу 40 милијарди долари, кои би биле загрозени доколку состојбата во земјата продолжи да се влошува.

]]>

Најнови вести

Најново од Uncategorized

Најчитани вести