Министерството за внатрешни работи и Управата ја јавни приходи синоќа и денеска во раните утрински часови спроведоа акција „Канџа“ за контрола на угостителски објекти и спортски обложувалници на подрачјето на Тетово и Гостивар.
-Цел на акцијата, во која учествувале над 200 полицајци од разни организациски единици, била пронаоѓање на странски државјанки со нерегулиран престој во Република Македонија, кои се нелегално вработени во угостителските објекти како пеачки, танчерки, придружнички односно келнерки, а кои се можни жртви на трговија со луѓе, додека целта на спроведувањето на акциската контрола во обложувалниците беше откривање на оние кои вршат дејност без лиценца како и кривични дела и прекршоци од Законот за игри на среќа и за забавните игри, соопшти денеска МВР.
Предмет на контрола во тетовско биле „Енерџи клуб“, поранешен угостителски објект „Хилтон“ во Желино, „Ловец“, „Кораби“, „Ориентал Ас“ и УО Баци,а во гостиварско „Равен – Кастриот“, „Бакарди“, „Били“ – Чегране, „Били 97“ – Топлица, „Алпе Маре“ и „Нота“ – Чегране.
При акциската контрола во угостителските објекти пронајдени се 64 странски државјани, од кои 61 женско и 3 машки лица. Од нив 58 женски и 3 машки лица се приведени во полициските станици во Тетово и Гостивар и против нив утре од страна на Одделението за прекуграничен криминал, странци и реадмисија, ќе им бидат поднесени бара за поведување на прекршочна постапка злоупотреба на туристички престој. Освен нив легитимирани се и 391 државјанин на Република Македонија кои биле гости во угостителските објекти.
– При акциската контрола во два објекти пронајдени се и одземени три албански патни исправи на име на женски лица кои не се затекнати таму. Исто така, во два од објектите, кај двајца од гостите, при извршен преглед на патничките моторни возила со кои пристигнале, се пронајдени 2 пиштоли (еден во касета и еден под седиште). Едно од лицата изјавило дека пиштолот кој го поседувал е во постапка за добивање на дозвола и оружјето е одземено до докажување на вистинитоста на изјавата, додека второто лице го поседувало пиштолот со дозвола. Во друг објект од едно лице, при извршен преглед на патничкото моторно возило со кое пристигнал, пронајдени се и одземени се безбол палка и еден нож марка „Миков“. Кај друго лице од истиот локал, пронајдена е мала количина на растителна материја и истата е одземена за вештачење. Двете лица се предадени за понатамошна постапка на ПС Гостивар, се вели во соопштението од МВР.
Во сите контролирани објекти УЈП констатирала прекршоци по Закон за регистрирање на готовински плаќања – поради неиздавање фискална сметка и не воведување на фискална сметка за што се изречени парични глоби во висина од 750 евра за физички лица и 2.500 евра за правните лица. Констатирани биле и прекршоци од Законот за пушење и Закон за даночна постапка, а на дел објектите издадени им се Решенија за забрана за вршење дејност во времетраење од 30 дена.
– Во делот на обложувалниците беше извршена контрола во „ЗЕРО БЕТ“, „Пица Лонг графити“, „Бет2деј“, „Кафе клуб 10“, „Бет 365“, „Еуро лото“, „Бундес“, „Еуро шанса“, „Там-бетинг“ и уште неколку објекти кои немаат назив. Од контролите во спортските обложувалници во Тетово и Гостивар констатирано е дека работат незаконски, односно не поседуваат лиценци за работа, бидејќи од 13 објекти само обложувалницата „Евро-гол“ во Тетово поседувала лиценца за работа, се појаснува во соопштението од МВР.
Во 12 спортски обложувалници од страна на УЈП биле констатирани прекршоци по основ на Законот за игри на среќа и за забавните игри, а биле издадени решенија за забрана на вршење на дејност. Легитимирани биле 122 лица, а при легитимирањето пронајдени се две лица по кои се трагало по распишана потерница. Одземени се 263.453 денари и 440 евра, 55 телевизори, 29 компјутери, 20 монитори, 16 штампачи, седум ресивери, три читачи за тикети, три печатачи, три фискални апарати, два модема и два проектори.
]]>


