Во текот на изминатото деноноќие сообраќајната полиција на подрачјето на Град Скопје изврши увид на вкупно шест сообраќајни незгоди од кои во една со тешки телесни повреди се здобил возач на моторцикл, а неговиот сопатник е полесно повреден.
Сообраќајната незгода се случила во 15 часот на ул. „Перо Наков“ кога возачот на мотоцикл изгубил контрола над мотоциклот и паднал.
Во две од незгодите со полесни повреди се здобиле еден возач на патничко моторно возило и еден велосипедист кој движејќи се по велосипедска патека на бул. „Александар Македонски“ изгубил контрола и паднал, додека три од незгодите се со последица материјална штета.
Според евиденцијата на сообраќајната полиција, случени се уште седум незгоди со мала материјална штета во коишто е пополнет Европскиот извештај.
Сообраќајната полиција во текот на вчерашниот ден откри и санкционира 19 возачи на мопеди и мотоцикли и тоа пет возачи што не носеле заштитен шлем или кацига за време на движење со мопедот или мотоциклот, седум возачи кои немале возачка дозвола, четири возачи кои ги возеле мотоциклите и мопедите со изминат рок на сообраќајната дозвола и тројца со изминат рок на важноста на полисата за осигурување.
Откриени и санкционирани се и прекршоци по други основи, односно седум возачи на патнички возила затоа што поминале на црвено светло на крстосниците, тројца возачи се исклучени од сообраќај поради тоа што ги управувале возилата под дејство на алкохол и пет кои го користеле мобилниот телефон за време на управување на возилото.
Со помош на специјалното возило „пајак“ беа отстранети 25 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.
Во рамките на сообраќајно воспитните акции Отсекот за превенција при Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе реализира едукативни работилници во ОУ „Рајко Жинзифов“ во населбата Драчево и во ОУ „7 Март“ на подрачјето на општината Чаир.
За денеска нема најавено вонредни настани со што се очекува сообраќајот да се одвива тековно и според постоечката сообраќајна регулатива.
]]>


