Две кражби на накит во Тетовско

Околу 400 илјади денари вреден златен накит бил украден од домови на двајца тетовци во две одвоени кражби што засега непознати сторители ги извршиле во текот на вчерашниот ден, информираше портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.

Според неговите информации, едната од тешките кражби се случила во периодот помеѓу 18 и 22 часот во станот на Р.Ш.(48) на улицата „Браќа Миладиновци“. Откако крадците насилно ја отвориле влезната метална врата и целосно ја пребарале внатрешноста на станот, одзеле 15 парчиња златен накит, четири златни алки и 11 стари златници, и избегале. Сопственикот вредноста на украденото го проценил на околу 300 илјади денари.

Втората кражба се случила во периодот помеѓу 19 и 21 часот во куќата на Б.К.(48) на улицата „Иво Лола Рибар“. И тука насилно била отворена влезната врата по што засега непознатите сторители, од спална на вториот кат од пластична кутија одзеле 16 парчиња разновиден златен накит, синџири, прстени, приврзоци и лири со вкупна вредност, според сопственикот, од околу 95 илјади денари.

Полицијата на двете места извршила увид, ги фотодокументирала случаите, подигнала траги за вештачење и работи на откривање на сторителите на кражбите, рече Јосифовски.

]]>

Најнови вести

Најново од Хроника

Најчитани вести