Зошто национализмот на ДПМНЕ е предавнички национализам? Затоа што не успеваат да ги решат, а ниту да ги постават за решавање најгорливите национални проблеми што историското време ги поставува пред нив и да овозможат земјата да оди напред. Кога за таквите проблеми ќе дојде време за решавање нацијата раѓа (или абортира квази лидери како во нашиов случај) кои се соочуваат и ја понесуваат одговорноста решавајќи го проблемот и овозможувајќи нацијата и државата да оди понатаму и да се развива. Така го реализираат националниот интерес за стабилност и развој на нацијата, неа ја заштитуваат на најдобар возможен начин. Пораз не е што имаме спор, како да е тоа наш избор? Блокирани не знаат како да се однесат со него, упатуваат дека други се криви за него, упатуваат на референдум (што е отфрлање на политичка одговорност) и не преговараат бидејќи се несигурни во себе и се плашат од тој процес. Консеквенца е Македонија пропаѓа на скалата на меѓународен рејтинг се подолу без крај. Изолацијата ќе има консеквенци на внатрешната стабилност и меѓуетничките односи. Македонија нема пари, ниту сериозни инвестиции. Стратешки приоритети постојат само како реторика. Наспроти ова, ДПМНЕ и нејзиното лидерство паразитираат врз проблемите на нацијата, цицајќи ги соковите од потклекнатата под проблеми македонска нација, хранејќи го со нејзините стравови и страдање својот партиски рејтинг и партиска каса. Парадоксот е развивање и богатење на партијата, а слабеење на државата, нејзините институции и нација, до нивно заедничко уривање во самоукинување. ДПМНЕ не успева да ја заштити нацијата покривајки ја со НАТО чадорот и овозможувајќи нејзина внатрешна мултикултурна релаксација со тоа, а истовремено ја изложува на ветрометина нејзината кревка стабилност со уривање на меѓународниот углед на земјата кој и е суштествено важен за решавање на меѓународните проблеми. Значи не знаат (и мислат, како секој слаб ученик, дека е невозможно) да го решат спорот со Грција, а да ги заштитат националните интереси (идентитетот и Уставот). Треба да престанат да лажат дека имаат позиција во спорот. Имено, имање реторика која е неостварлива и за консеквенца има постојано слабеење на државата не е позиција. Таква пoзиција парадоксално ДПМНЕ јава повторно на овие избори ЗАСИЛУВАЈЌИ ја без размисла за консеквеците по државата. Паразитираат врз овој проблем развивајќи губитничка психологија кај Македонците, дека сите се против нас, и затоа не може да се успее. Не, против Македонците е ДПМНЕ и затоа Македонија не може да успее. Ако со речникот на еден дипломат, до пред некоја година сите во ЕУ мислеле дека Грција е 80% виновна за спорот со нас, денес благодарение на внатрешната и надворешна политика на ДПМНЕ состојбата е најмалку е 50% – 50 % (и тоа дипломатот беше љубезен со мене за ова). Тоа е исходот на политиката на ДПМНЕ и затоа ја нарекувам – предавничка. ДПМНЕ после 20 години независност допрва го отвори прашањето што се Македонците од Република Македонија, на шокирање на сите наши пријатели во светот, а богами и на шокирање на домашната јавност. Како изгледа во туѓи очи нација која по 20 години независна држава, и богами векови борба за државност се прашува кои сме ние и КОЈА СУМ ЈАС? Таквиот кловновски пресврт не акна од земја! Тие непромислени хохштаплери во врвовите на партијата доволно моќна, ваква колосална глупост јавно, како политика да промовира – ја здрви во џигер македонската меѓународна позиција. Од тогаш сме свиткани во појасот и не можеме да се исправиме. Тој подарок за нашите непријатели и Грција посебно не можеше да биде поголем. Затоа сметам дека политиката на ДПМНЕ е предавничка политика. ДПМНЕ не знае да ја прочита историјата на сопствената нација и држава и да ја протолкува на начин да обезбеди нејзина репродукција и развиток како модерна европска нација. Имено, ДПМНЕ од непознати за мене причини, не може да се соочи и произнесе кон најзначајниот момент во историјата на македонската државотворност – антифашистичката борба, во која со 150 000 луѓе под оружје Македонците ја создадоа и својата прва држава. Таа антифашистичка програма и борба за Македонците е конститутивна за државата, за нејзината политичка ориентација во семејството на модерни европски нации. Тоа не е за Словенците, Хрватите, Србите, Италијаните, и сите други кои и пред антифашистичката борба имале свои држави. За нас тоа е камен темелник за нова етапа каде не сме само државотворни, туку создаваме конкретно своја држава. Такви историски услови на среќа и провидение не се случиле на многу поголеми народи и нивните борби за држава. Ако нација и политичка елита не знае (д идеолошки бариери, стравови, а и историска неписменост) да се воспостави кон така темелна придобивка во својата историја – тури и к… на таква елита. Таква елита е стовариште на валкана потсвест на се што отпаднало во историското чистилиште на сопствениот народ и серозно ја загрозува неговата историска втемеленост како модерен европски народ. Заради тие соображенија сметам дека политиката и национализмот на ДПМНЕ е предавничка политика и предавнички национализам. ДПМНЕ во борба за сопствена партиска превласт е спремен да го жртвува Македонецот како граѓанин и како историски народ, на кој треба да му служи и да го ослободи. Тој тоа го прави на идеолошки план со развивање и искористување на најмрачните стереотипи за тоа што е Македонецот и која е неговата „судбина“! Пишува: Љубомир Фрчковски Повеќе на линкот: Либертас.мк


