Албанските иселеници испраќаат сè повеќе пари дома. Само во периодот јануари-март оваа година, дознаките, според Централна банка на Албанија, достигнале 274 милиони евра, што е зголемување од девет отсто споредено со првиот квартал минатата година.
-Дознаките од странство остануваат еден од најважните извори на приход за албанската економија. Нивниот раст, според банката, е забележан во овој период и преку формални канали и во готово. Италија, Грција, Германија и Велика Британија остануваат главни канали за испраќање пари во земјата, поради големиот број емигранти кои живеат и работат во овие земји, објавија медиумите.
Албанските иселеници минатата година испратиле дома рекордни 1,12 милијарди евра што беше највисоко ниво. Според официјалните податоци од Банката, споредено со 2024 година, кога овие дознаки изнесуваа 1,04 милијарди евра, ова резултира со зголемување од 73,69 милиони евра, или 7,1 отсто.
Албанската дијаспора претставува една од најважните заедници надвор од територијата на Албанија, во однос на големината на резидентното населението во земјата.
Во 2025 година, според индиректни процени, бројот на албанските граѓани кои живеат и работат во странство, се проценува на околу 2,25 милиони граѓани или околу 49 отсто од популацијата.
МИА


