Данас – Белград МИА
Една од најубавите економски приказни доаѓа од Монголија. Вртоглавиот економски раст во таа азиска земја и за нејзините жители е вистинско чудо.
Монголија, до пред 20 години сиромашна периферија на Советскиот Сојуз, се наоѓа на прагот на голема трансформација, и тоа пред се благодарение на експлоатацијата на огромни минерални ресурси со кои располага. Уште од 2003 година економијата на земјата бележи раст од речиси девет отсто, т.е. 9,3 отсто во претходните 5 години.
Благодарение на експанзијата на рударскиот сектор, проследен со зголемен раст на цената на суровините на глобалниот пазар, веќе три години наназад Монголија остварува двоцифрен раст на БДП, во 2011 година е забележан скок од 17,5 отсто, следната година растот на БДП изнесувал 12,3 отсто, а во 2013 околу 11,7 отсто.
Ланскиот, нешто послаб резултат се објаснува со побавниот раст од очекуваниот во Народна Република Кина, најголем трговски партнер на Монголија, но и на не многу брозото зајакнување на домашниот рударски сектор.
Според проценките на Светска банка во 2012 година БДП на Монголија достигна ниво од 10,2 милијарди долари, т.е. 5.500 долари по глава на жител. Девизните резерви од 972 милиони долари колку што изнесуваа во 2007 година, пораснаа на 2,2 милијарди, додека стапката на инфлацијата е проценета на 14,2 отсто.
Монголските политичари истакнуваат неколку клучни предности на својата земја. Прво, Монголија има една од најголемите копнени површини на светот, од 1.564.116 квадратни километри, на која според податоците од 2012 година живееле околу 3,2 милиони жители. Може да се пофали со релативно младо население, дури 70 отсто Монголци се помлади од 35 години, а ја одликува и највисока стапка на писменост меѓу стопанствата во развој. Понатаму, Монголија е сврстена во редот на 10 најбогати земји со природни ресурси, со оглед на тоа дека располага со големи резерви на руда бакар, јаглен, железо, молибденит, фосфорит, ретки земјени оксиденти, сребро, ураниум и цинк.
Резервите на бакар се проценуваа на 83,8 метрички тони што е на 4 место во светот, јаглен има околу 18 милијарди тони на 9 место, а железо околу милијарда тони. Во резервите се наоѓаат и околу 2.401 тон злато. Рударството во вкупниот извоз учествува со над 80 отсто. Уште една предност се гледа во положбата на Монголија сместена меѓу два големи пазари со околу 40 милоиони потрошувачи, јужен Сибир во Руската Федерација и северниот дел на Кина.
Не е занемарлив ни фактот дека Монголија се наоѓа во Источна Азија, регион кој има највисока стапка на раст во светот. И конечно, монголските политичари истакнуваат дека во земјата цвета демократијата која е стабилна.
Еден од генераторите за стопанскиот раст на Монголија е гигантскиот рудник на злато и бакар Оју Толгои, кој располага со најголеми резерви на бакар во светот. Лоциран е на јужниот дел на пустината Гоби, близу до границата со НР Кина и во неговата изградба инвестирани се 6,2 милијарди долари. Мнозински сопственик на рудникот е мултинационалната компанија Рио Тинто, додека државата поседува 34 отсто акции.
Се проценува дека рудникот, кога ќе почне полна експлоатација, ќе произведува околу 450.000 тони бакар и 330.000 унци злато годишно. Експлоатацијата треба да трае од 35 до 50 години. Втора голема инвестиција е рудникот за јаглен Таван Толгои, исто така во пустината Гоби, кој располага со околу 6,4 милијарди тони јаглен.
Се предвидува дека стопанството на Монголија и во периодот од 2013 до 2017 година ќе го задржи трендот на раст на БДП, по двоцифрена стапка. Уште повеќе што економските сили како Кина, Јапонија и Јужна Кореја, увезуваат суровини токму од таа земја.
Аналитичарите на Светска банка прогнозираат дека во следните седум години, кога рудниците ќе почнат да работат под полн капацитет, владата во Улан Батор три пати ќе ги зголеми приходите. Жителите на Монголија веќе чувствуваат благодети од економскиот раст. Во прилог на тоа зборува и стапката на сиромаштија која од 38,7 отсто во 2010, падна на 27,4 отсто во 2012 година.
Ако се суди според изјавата на министерот за надворешни работи на Монголија Лувсанванда Болда, кој во ноември лани беше во официјална посета на Белград, неговите жители се подготвени со Србија да го поделат својот голем стопански успех. Тој ги покани стопанствениците од Србија да ја посетат Монголија.
Во Стопанската комора на Србија велат дека развојот на стопанската соработка е можен во сектори на рударството, земјоделството и прехранбената индустрија, информатичко-технолошката инфраструктура и текстил. Инаку, стопанската соработка и стоковата размена на Србија и Монголија сега е на скромно ниво. Сепак, охрабрува податокот дека во 2013 година извозот на Србија изнесувал 827.000 долари, што е значаен напредок во однос на 2012 година кога е забележан извоз вреден 301.000 долари.
Од друга страна, веќе неколку години наназад од Монголија ништо не е увезено. Според податоците на Стопанската комора на Србија, во Монголија сме извезувале котли за централно греење, машини за свиткување и исправање, преси и гориво за млазни мотори. Единствената компанија од Србија која е регистрирана во Монголија вредела 15.000 долари. Според тоа Србија во 2012 година се најде на 101 место од 112 држави инвеститори во Монголија.
]]>


