Ослободете ја „Окованата патка“!

Ви пренесуваме дел од колумната на Катерина Блажевска за Призма:

Да не бидам погрешно разбрана. Ги поддржувам колегите во протестот „Јас сум Шарли“. Но, мора да се каже многу повеќе од тоа. Ние сме „Шарли“ во сочувството, но не и во суштината на професионалното постапување. Ние сме мртви многу поодамна и од многу поинакви причини. „Убиени“ од сопствениот куршум. Ако карикатуристката, Корина Реј, под закана на вооружени терористи морала да ја отвори вратата на просториите на магазинот, ние сами ја отворивме вратата за различни видови упади. Така станавме карикатура, нискотиражна, отворена 24/7, па сега секоја власт може на неа да црта и доцртува нешто по сопствена желба.

Од тој аспект, преамбициозно е да се идентификуваме со новинарите на „Шарли“, автономен магазин кој слободата на својата сатира не ја дал под политичка концесија, дури и пред заканата од банкрот. Ова не го велам за да ја релативизирам вината на властите за контролата врз медиумите туку за точно да ја поставиме дијагнозата. Без тоа нема да го најдеме лекот. Се дотогаш нема да бидеме целосно „Шарли“ туку повеќе „Чарли“, еден чаплиновски приказ на нашата немоќ да ги демаскираме „големите диктатори“, бидејќи отсуствува намерата да ја признаеме и сопствената вина во нивното востоличување.

Притоа, не сакам да навлегувам во прашањето колку од луѓето воопшто знаеја за „Шарли ебдо“ пред масакрот во Париз. Претпоставувам, исто колку и еден наш политичар, кој пред неколку години, сакајќи да докаже дека и во старите демократии има медиумски неслободи, како аргумент го посочил името на славниот француски сатирично-истражувачки неделник Le Canard Enchaîné (Окованата патка/патор).

„Ако новинарите чувствувале медиумска слобода, веројатно весникот ќе го нарекле ‘ослободената патка’, а не ‘окованата’“, поентирал нашиот политичар.

Соговорниците останале без збор. Им било непријатно да го демантираат неговото блажено незнаење, допрва објаснувајќи му го она што го знае целиот свет, во кој, за жал, не сме ние: „Окована патка“ значи испорака само на проверени и вистинити информации, односно дека во весникот нема да има „новинарски патки“, што е познат жаргонски израз за непроверени или лажни информации. Токму во име на вистината, „патката“ треба да биде окована, а не ослободена. Но, кој да разбере!

Целата колумна прочитајте ја на Призма на следниот линк.

Најнови вести

Најново од Ракурс

Најчитани вести