На 20-годишниот Насер Ештрефи денеска му беше изречена условна казна од три години затвор за кражба на велосипед, која се заменува со една година затвор. Станува збор за велосипедот кој тој го украл од дворот на семејството Петковски, по што дојде до убиството на нивниот син Ангел кај пешачкиот мост во скопската населба Ѓорче Петров.
Пред да биде изречена пресудата, Ештрефи призна дека ја извршил кражбата, но ја отфрли вината за убиството на Ангел Петковски. Поради признанието на Ештрефи, судијата Илија Трпков донесе решение со кое судечкиот предмет го раздвојува на два: едниот кој ќе се однесува на кражбата, а вториот на убиството извршено со умисла.
Неговиот адвокат објаснуваше дека Насер во тој момент бил непресметлив и во афект поради опасноста која го демнела од Ангел и неговиот татко кога почнале да го бркаат оти го украл велосипедот од нивниот двор.
Со ова одбраната ја темелат на самоодбрана за што од Клиниката за психијатрија побарале да му се изврши вештачење.
Адвокатите на семејството Петковски се спротиставуваат на ваквата одбрана. Според нив не може да станува збор за самоодбрана кога обвинетиот со себе имал нож со кој му ги нанел смртните убоди на Ангел.
Во судот зборуваа и родителите Ангел. Таткото Сашо Петковски рече дека кон железниот мост во близина на Европската очна болница се упатиле со намера да си го вратат велосипедот.
Обвинетиот неочекувано извадил нож и го нападнал Ангел по што тој со дрвен стап го удрил в грб, но Насер уште еденаш го пробол Ангел. Со обилно крварење го однел до пред влезот на болницата каде десетина минути подоцна дошла медицинска сестра која само констатирала смрт.
Мајката на Ангел пак, низ плачење раскажа дека пристигнала на местото таму со мисла дека Ангел е внатре во болницата, а го видела како покриен лежи на скалите надвор.
Трагичниот настан во Ѓорче Петров се случи во мај лани. Како реакција, неколку дена имаше насилни протести во населбата. Демонстрантите се судрија со полицијата, имаше повредени лица, десетици локали беа запалени, а беа поднесени и повеќе кривични пријави.


