Додека вие му се смеевте на министерот за здравство Никола Тодоров бидејќи верува дека ќе го види денот кога Македонија ќе учествува во вселенските програми, тој напорно работеше и уште еднаш ја покажа на дело неговата способност и одлучност.
Имено, тој синоќа упаднал во неочекувана полноќна посета на Меѓународната вселенска станица, за да види како се одвива тековната мисија таму во рамки на подготовките за лансирање на македонска вселенска програма.
– Какво најавување бе, не им се најавив. Сосема спонтано ми дојде идејата. Ја видов Силванева Бонева како го паркира вселенскиот брод со кој редовно патува од Струмица до Скопје и за кој троши многу пари за бензин, па ја замолив да ме однесе до станицата со него. Стигнавме таму негде на полноќ, таа остана да чека во вселенскиот брод а јас директно им упаднав внатре, ко шо упаѓам по болници. Кога упаднав, имаше и што да видам. Еден од астронаутите спиеше, друг си пушеше цигара, трет си играше некоја игрица, на некој симулатор за правење операции… абе еден не работеше тоа за што е платен! Ниту еден! Срамота! Ги казнив по 20 отсто од плата и им најавив дека кога Македонија ќе направи вселенска програма нема повеќе да толерираме вакво однесување – се закани министерот за вселенски работи, Никола Тодоров.


