Во Скопје вчера се случија 14 сообраќајни несреќи – две лица загинаа

Во текот на вчерашниот ден на подрачјето на Град Скопје од страна на сообраќајната полиција извршен е увид на вкупно 14 сообраќајни незгоди.

Од нив, четири се со последица материјална штета и осум се со последица телесни повреди во кои со полесни повреди се здобиле девет лица.

Се случиле и две сообраќајни незгоди со загинати лица. Првата се случила во 17 часот и 44 минути на локалниот пат с. Долно Лисиче – с. Горно Лисиче во која учествувало патничко моторно возило „југо“ со скопски регистарски таблички, граѓанин на Скопје. Тој кога дошол во близина на приватната фирма „Феником“ во атарот на село Горно Лисиче со возилото излегол надвор од коловозот и со предниот дел од возилото удрил во дрво. Во незгодата возачот се здобил со тешки телесни повреди и истиот со возило на Брза помош е пренесен во ГОБ „Св. Наум Охридски“ каде е констатирана смрт.

Втората незгода се случила во 19 часот и 5 минути во близина на главната капија на фабриката „Железара“ во која учествувало патничко моторно возило „рено“ со скопски регистарски таблички, управувано од жител на Сопиште. Истиот движејќи се по ул. „16 Македонска бригада“ во насока од дирекцијата на „Макстил“ кон крстосницата од ул. „Коце Металец“ со предниот дел од возилото удрил во телата на двајца пешаци. Во незгодата едното лице починало на лице место, а другото со возило на Брза помош било пренесено во Ургентниот центар каде му е укажана лекарска помош и истото е задржано на понатамошно лекување.

Во текот на вчерашниот ден од страна на сообраќајната полиција откриени и санкционирани се 28 возачи кои не го почитувале ограничувањето на брзината на движење, шест возачи кои го управувале возилото под дејство на алкохол и истите се исклучени од сообраќај, како и 18 возачи кои не го користеле безбедносниот појас или го користеле мобилниот телефон за време на управување на возилото.

Најнови вести

Најново од Хроника

Најчитани вести