Вистинските скопски фраери, бе Латас, легенди на градот, ги краселе вистински човечки особини. И по тоа ќе останат засекогаш запаметени. Тие се пред се’ познати по педантноста, знаеле да се облекуваат, да се однесуваат и во машко и во женско друштво, да ги следат настаните од спортот, од музичката светска и домашна сцена, имале познавања и за политичките збиднувања, и за театарските претстави, и за балет, и за опера, тие се солидно потковани филозофи со општи познавања од историјата и географијата, од градските маалски дешафки, солидни познавачи на шаховската игра, одлични таблаџии, бричаџии, бељотџии, преферансџии, и секогаш знаеле да се вклопат во најразлично друштво, да слушаат кога треба да се слуша, да зборуваат кога треба да зборуваат, без разлика на нивното образование. И секогаш биле опкружени со вистинските дами и господа, пардон, другари и другарки. Секому било чест да се најде во нивното друштво…
Вистинските скопски фраери, бе Латас, никогаш не се курчеле со нивниот фраерски статус, никогаш не ги оставале другарите на цедило, знаеле да влезат во „гужва“, по ново „фрка“, заради другарство, секогаш пружале рака кога било потребно, и никогаш не биле рангирани како скопски фраери, легенди, заради тоа што биле богати, заради тоа што биле синови на моќници, или другарите им се моќници, заради тоа што припаѓале на повисоката класа во општеството, заради тоа што ги бирале другарите само од нивната општествена припадност, заради „Алпината“, „Мини Морисот“, „Пежото“, „Мечката“, кога Скопје вриеше од „Шкоди“, „Вартбурзи“, „Стојадини“, „Фиќовци“ „Москвичи“ и точаци. Напротив, правите скопски фраери се познати по својата искрена пристапност и широкоградост до секого и секогаш, по својата високо изградена градска култура, по своите фер односи со секого, и тоа што е најважно, меѓу вистинските скопски фраери, никад, ни тад, нема да пронајдеш крадци, апаши, ситни џепчии, интересџии, криминалци и изманици. Тие се познати по својата чесност и постојаност, а не по бројот на чевлите. Ич по марката на прозиведувачот на чевлите. Затоа тие се легенди, не заради тоа што тие самите се нарекле легенди…
Ако возиш скап џип, се облекуваш во уште поскапа гардероба, ако се движиш во таканаречената „скопска шема“, ако скијаш и летуваш на уште поскапи места, ако те гледаат во друштво на „познати“ фаци, не ти се критериуми за да се прогласиш за скопски фраер, уште помалку за скопска легенда. Тие, таквите, од увек биле потрошен материјал за правите скопски фраери, тие одсекогаш биле „куртони“, мангупи со еднократен блесок, буљаши. Фраерот е фраер за сва времена, бе Латас. И богат и сиромав. И со куќа на Водно, и со барака у Тафталиџе, и со јахта, и со гумени рибарски чизми. Скопје, како и секој поголем град, ги има своите фраери и се гордее со нив, и зборува за нив, и пишува за нив, и се интересира за нив, како за вистински скопски легенди…
Интересот за тебе и таквите како тебе, не се твоите самопрогласени фраерски статуси во Скопје, туку твоите лешинарски крупноинтересџиски мангуплуци. Таквите како тебе Латасе, кои кога се поздравуваат прво ти ја превртуваат машњата за да ја прочитаат марката, за да одредат позиција дали ќе зборат со тебе или не, дали ќе бидат во друштво со тебе или не, а довчерашни „клошари“, од увек меѓу вистинските скопски фраери биле нарекувани на најразлични начани, ама никако, легенди. И на крај, ти „нарикачиш“ ко гладен волк врз сопствениот гроб, бе Латасе, патетичен си барајќи го спасот, излезот од ќорсокакот кој се’ повеќе ти ги стеснува хоризонтите. Кукавичлукот никад не бил особина на вистинските скопски фраери, на правите скопски легенди. Можеби еден ден и ти ќе станеш скопска легенда, ама на онаа страна од приказната, не на фраерската. Таму за тебе нема место. Патем, да те прашам, кој број кондури носиш ти Латасе?
Фејсбук статус на Боки Бургија


