Имам 50 години.
Како вчера да беше кога со мојата штотуку венчана сопруга, во септември 1991 година, на скопскиот плоштад присуствувавме на еден величенствен настан, прогласувањето на независноста на Република Македонија. Не смеевме да го пропуштиме она што многу генерации го сонувале.
А времето беше опасно.
Во нашата тазе брачна заедница, само јас заработував, сопругата беше при крај со факултетот. Бев вработен како професионален војник на ЈНА, во тогашната Воена болница во Скопје. Во време на диференцијација на „националисти“ и „федералисти“ (лично не се согласувам со оваа поделба), присуството на прогласувањето на македонската независност беше извонредно опасно по мојата работа во Југословенската армија. Стравувањето се покажа оправдано, па така на почетокот на 1992 година го изгубив работното место (не ми го продолжија договорот), со образложение дека безбедносно не сум одговарал. Во непосредна комуникација на татко ми му објаснувале дека сум бил вмровец. Тоа беше најефикасната етикета за крај на сојузната државна служба.
И крај на нашиот единствен извор на егзистенција.
Но тоа беше и време на голема семејна радост. Раѓањето на нашето прво дете, раѓањето на нашиот Илин. Роден во исто време кога почна периодот, кој што и денес го нарекуваме транзиција.
Следуваше период кога како хонорарец влегов во Македонската телевизија и останав цели 10 години. Претежно како хонорарец (8 години), бидејќи после секои избори бев прогласуван за член на партијата која ги изгубила изборите. Тоа беше ефикасен начин да бидеш тргнат од редот за вработување. Се изморив и после 10 години ја напуштив МТВ, поразен од фактот дека за моето вработување не се пресудни мојата вештина и посветеност на работата во која што уживав.
Еве две вечери по ред, во 19 часот сум пред зградата на Македонската Радио Телевизија. Заедно со мојот пријател Стојанче и уште десетина луѓе кои допрва ги запознавам. Признавам, одамна не сум бил тука, освен во неколку прилики кога сум имал потреба од обновување на патни исправи и сл.
Со мене е и мојот син, кој во изминативе 4 години беше покрај мене на секој марш, протест, митинг…
Протестираме против поданичкиот однос на јавниот сервис кон врхушката на власт. Револтирани сме од необјективноста на МТВ и извртувањето на вистината. Па замислете во информативните емисии не е емитувана ниту една секунда од прислушуваните телефонски разговори на највисоките функционери на оваа власт, материјал кој ја скандализираше цела македонска јавност. Но не и Македонската телевизија, која што секој први во месецот ни испраќа фактура за наплата. Протестираме против известувањето на медиумот во кој работат многу мои колеги од А1 Телевизија, кои режимот ги искористи за да докаже дека од „секое свирче се прави дрво“.
Пред МТВ ќе бидеме секоја вечер во 19 часот. Со Стојанче и другите.
Зошто?
Јас заради моите деца, а вие… вие си знаете!
Тони Николовски


