Петар Атанасов: Чија е Македонија?

Чија е Македонија? На народот или на некој друг? Чија е Македонија? На граѓаните или на некој трет? Ова е прашање кое многумина често го поставуваа во изминатите 25 години. Да, чија е Македонија? Наша ли е? Чија е? Особено ова прашање се засили и се наметна со појавувањето на кризата од 2001 година. Кризата која ни нанесе голема штета и за која ни требаше неколку години да ја надминеме. Се поради лошото владеење на една млада и неискусна политичка постава.

По парламентарните избори во 2002 година, СДСМ ја презеде одговорноста за иднината на Македонија, во време кога државата беше во политичка и безбедносна криза. Не беше лесно да се вратиме во нормала и да продолжиме да работиме и живееме по таа тешка 2001 година. И теравме така, богами, неколку години. Се надевавме дека работите ќе тргнат на подобро. Македонија се врати на вистинскиот пат. Во времето на СДСМ, во 2005 година,  Македонија конечно доби препорака за почнување на преговорите за членство во Европската унија. Имавме и отворен пат кон НАТО. Се беше под контрола! Но, историјата повторно не врати назад.

Патот на секој народ има специфичен развој. Развојот на државите не оди праволиниски. Затоа можеби на Балканот секогаш се вели: чувај Боже од полошо. И лошото доаѓа. Лошото не живее некаде далеку. Често не учеа дека лошото доаѓа од нашите соседи. Дека Македонија секогаш имала непријатели кои и ја кроеле судбината. Да, и тоа е точно. Секој на Балканот се борел за поголемо парче земја, за поголема држава. Поголема држава има и повеќе ресурси и може на својот народ да му понуди повеќе. Но, притоа страдале оние од другата страна на некој балкански фронт. И тоа е факт. На малите држави капата понекогаш им ја кроеле големити сили. Тоа е случај и со Македонија: Големата источна криза, Берлинскиот конгрес, Младотурската револуција, Балканските војни, Букурешкиот договор, Првата светска војна, Втората светска војна. Македонците поминаа низ многу пеколи и неизвесности.

Идејата на Македонската револуционерна организација постоела, ама тешко се реализирала. Слоганот Македонија на Македонците избледел во тефтерите на големите англиски политичари. Лидерството на првите македонски патриоти не успеало да го реализира сонот на Гоце Делчев, Никола Карев, Даме Груев, Питу Гули и многу други. Барем не во нивно време. И покрај тешкотиите, војните и страдањата, Македонија успеа да ја создаде својата државност. Република Македонија е стварност и постои веќе 70 години. Мораме да се гордееме дека Социјалистичка Република Македонија е творба на нашите претходници, меѓу кои во голем дел членови на Комунистичката партија на Македонија, кои положија илјадници жртви на олтарот на нашата слобода.

Денес, сме сведоци дека по седум децении Македонија има огромен политички, економски и културен развој, каков што не можело да се замисли само до пред 100 години. Златните години на македонската култура и авторите од неколку повоени генерации, оставија длабок печат и изградија еден грандиозен државен и културен проект – Република Македонија. Заедно со овој проект културолошки се издигна уште еден проект – македонскиот идентитет.

И се до пред неколку години овие два проекти никој не ги оспоруваше. Се бараше начин, поради нерешениот конфликтот со Грција, како Македонија да се вклучи во семејството на европските народи. Онаква каква сме ја создале. Од нашите културни и историски корени. Такви какви што се, такви какви што ни ги оставиле генерациите што се вградиле во македонската држава и македонскиот идентитет. Но, како се уште да не можеме гордо да се исправиме и да кажеме: Ова сме ние, ова е нашиот идентитет и ова е наша Македонија. Како да не смееме гласно да размислуваме за тоа кои сме, што сме, од каде сме.

Денес, оваа наша културна матрица, нашиот национален идентитет, поради политички причини или поради мегаломански амбиции, се доведоа во прашање од една млада, алчна и корумпирана врхушка. Ги измешаа лончињата дезориентирани политичари и самопрогласени идеолози на македонската десница. Само пепел остана од нашиот културен и цивилизациски идентитет. Скопје 2014 е политички проект за да се дестабилизираа нашиот идентитет и нашето битисување. За да не нема, за да не постоиме. Тоа е лажна одбрана на нашиот идентитет. Одбрана која и оди во прилог само на нашите јужни соседи.

Така, по 25 години развој, заглавени сме кај истото прашање. Повторно и повторно се јавува потребата да прашаме кои сме ние, од каде сме, каде сакаме да одиме? Што сакаме од самите себе си? Чија е тогаш Македонија? Наша, на народот, или нивна? На претставниците на една политичка опција која е изгубена во простор и во време. За жал и тие се дел од нас. За несреќа Македонија е предводена од безлична и бескрајно корумпирана и лоша власт.

Се извинувам, но во 2015 година не може веќе да се лажеме дека нашите душмани живеат надвор од нашите граници. Нашиот најголем непријател се всели во Владата на Република Македонија. Една група на луѓе, една отуѓена врхушка, веќе, 9 години лаже, краде, врши насилство врз политичките институции и го гази Уставот и законите на државата. Бескруполозно ги потчинија и покорија институциите за нив да им служат. Ги исплашија луѓето, им го сотреа духот.

Еден грст луѓе владеат како Македонија да е нивна лична сопственост. Еве веќе девет години глумат чесност и сеат страв околу себе. Подготвени да ја бранат Македонија, до последното евро што го искрадоа во еден нерамноправен политички и нерегулиран економски натпревар. Сведоци сме на културна и идеолошка девастација на нашата свест и совест. А ваквите грешки скапо ги плаќаме. Потребна е итна деконструкција на системот и враќање кон корените, кон нашите корени, нашиот идентитет, нашата Македонија. Каква што ја знаеме и живееме во изминативе неколку децении!

Пишува: Петар Атанасов – универзитетски професор и член на ИО на СДСМ.

Најнови вести

Најново од Ракурс

Најчитани вести