Се мислев дали да пишувам, ама гледајќи ги последните случувања во државата не можам а да не напишам, не како член и активист на СДСМ, не како претседател на општинска организација туку како млад човек, граѓанин на оваа земја кој овде се родил, овде се образувал, основал фамилија и најважно од се одамна во својот живот одлучил да остане во Македонија и во неа да гради иднина за своите деца.
И ајде да почнам од почеток, терајќи ја исправноста, правичноста, правдата и пред се вистината и реалноста за моето вклучување во политиката, пред се локална и очигледно „поосетлива“. Поосетлива за братучедот кој ми бил најблизок, а денеска не ми е, за некои „пријатели“ кои кога ќе се поздрават со мене прво погледнуваат во земја, а потоа во мене, луѓе кои ме гледаат недоверливо кога правам нешто оти мислат дека се раководам од некој личен интерес. Противникот го среќаваш секој ден или барем некој од неговите кои не ти мислат добро, а најболна е вистината за нивната освета затоа што три дена после мојот прв пораз, мојата сопруга доби отказ кој не го заслужува, а на брат ми му откажа бизнис партнерот бидејќи имаше работа со државата …и така натаму,
Иако тешко ранет, сеуште се раководам од поговорката дека не си поразен додека можеш да се исправиш, без разлика колку пати ќе паднеш. Она што не го знам е уште колку пати ќе треба да станувам и да ја тресам прашината од себе, но она што го знам е дека многу луѓе веруваат во мене и сеуште веруваат. Исто така знам дека ми е чиста душата, никого не сум излажал, ниту инзеверил. Но во политиката денеска изгледа човечноста и емоциите не се дозволени, да се биде човек и да се говори вистината е исто што и „ државен непријател на власта“. Таму има премногу луѓе кои се раководат од сопствениот личен интерес, а малку од заедничкиот општествен интерес, како што ме учеа моите учители. Уште помалку има луѓе кои се водат од идеја или принцип. „Збир на интереси“ не е исто со „заеднички интерес“ на заедницата и општеството и сега кога ја гледам и слушам власта си поставувам неколку прашања:
– Дали ако си земјоделец имаш доволно да купеш нов трактор, да посееш и одгледаш онолку колку што посакуваш и ожнееш и набереш колку што ти е потребно за да обезбедеш пристоен живот за својата фамилија и обезбедеш сигурна иднина на своите деца?
-Дали ако си вработен било каде, трудот ти е платен, имаш солидна плата, нормална живеачка и извесна иднина?
-Дали ако си приватник или претпремач и ако немаш рата или кредит, ќе обезбедиш за плата за своите вработени, а добивката не ти ја земе државата и те прогласи за затајувач на данок?
– Ако земеш пензија или социјална помош, дали ти е доволна за до крајот на месецот?
– Како граѓанин на оваа држава дали можеш да дигнеш глава од давачки и казни:
– Дали како млад или студент не мислеш што побрзо да го пронајдеш својот пат или карта од возот што оди на запад?
И за крај, дали оваа власт после десет години, после толку преродби, чекори, дела и недела, не треба да ја испратиме каде што сака да оди, во барокот, спомениците…во историјата?
Ако оваа власт сака историја, тогаш да и ја дадеме историјата и да ја испратиме во минатото и ние народот да ја испишеме новата историја. Брзо ќе дојде денот кога секој ќе тргне од себе, а заеднички ќе испишеме: Дојде на власт ветувајќи за народот, владееше со пропаганда и закана за народот и од народот си замина. Македонија е од народот изградена и за народот созададена и никој, ама баш никој нема право да ја присвојува, таа не е на еден човек, на една партија…таа е народна, Македонска земја.
Фејсбук статус на Благој Илиев


