Кабранов: За олоши меѓу новинарите

Поделбата на новинари на вакви и такви, да бидам искрен, ниту сметам дека е ерес ниту пак негде во светот, како во секоја фела, има хармонија и едноумност. Не е тоа калап за правење цигли, па секој да штанца во ист формат и димензија. Напротив, слободниот ум, особено на новинарите како гласници на јавноста, но и нивната одговорност се богатство на секоја демократска држава.

Но кај нас е нешто сосема друго, не е проблемот во провладини и проопозициски новинари. Нам ни се случува уште со години наназад нешто друго – новинари рекетари, хушкачи, кои за да ја одработат агендата на оној што ги плаќа, не се служат само со обично плукање на колегите од другиот табор, туку јавно искажуваат и омраза небаре си му убил брат ако не мислиш и пишуваш како него.

Мене, да бидам искрен, плукањата од такви не ме допираат, но во последно време ите како ми пречи кога тие плукачите и мразачите сакаат нивното бесчестие да го изедначат и да бидеме демек сите исти.

Е то драги мои, „не че мочи тако лако“, се надевам барем кај дел од популацијата која има ум да прочита кој е кој и што е што. Со чиста совест, не прифаќам да ме ставаат во кошот на добропознатите новинари рекетари, разни мешетари и шоумени. Тие знам, потребни и се да и служат на секоја власт, тие се секогаш на ИЗВОЛТЕ, само и само тоа да го материјализираат во хациенди, бизниси и ред други работи. Така решиле, така нека прават, ич не ми е гајле, ама реков, нема да прифатам дека всушност ОЛОШИТЕ меѓу нас новинарите, да ти биле жртви, и тоа од никој друг, туку од нас, демек нивни противници, што секојдневно, се разбира по налог на Илинденска број 2 не плукаат дека сме странски платеници, предавници, наркомани….

И одеднаш во последно време лелек, чинам дека е дел од пи-арот на Груевски стиснат во менгемето на ПУЧОТ, кој за мене е ништо друго туку МУЧ, се разбира за замајавање на јавноста од мизеријата на начинот на кој владеат, а си кажуваат сами во бомбите што ги слушаме.

Пред една недела, демек жртва беше оној уредникот на Нетпрес, кој сите видовме, беше вербално нападнат од Стојанче. Не знам, ја физичко насилство не видов, ама не го обвинувам ич што му реагираше на, како што му рече, „Дејане ние бе, бевме пријатели, ме знаеш, па како можеш да измислуваш дека со Заев и фундаменталисти спремаме крвава војна во Македонија“. Па нормално дека ќе реагира, а што очекува новинар ко него, кога ќе напише толку тешки зборови, а притоа без аргументи или докази дека е така.

Од онаа МАН на Латас очекував дури и тапшање по рамо на авторот на таков текст, ама експресна одбрана и ставање на ЗНМ на страната на Дејан само затоа што бил новинар, без да се размисли зошто се случило тоа, и што се пишувал и пишува тој новинар, да бидам искрен, и покрај мојата широкоградост, ме збуни. Па кај беше ЗНМ да го опоменат тој Дејан за негово добро, не за да не заштити нас и нашите семејства, од неговите блујаници, во кои ние бевме гејови, сопругите ороспии, крадачки на злато, и такви глупости. Да го опоменеше, реков, не заради нас, оти од таков калибар како него не не ни засега ниту пак сум помислил судски да се докажуваме дека не е така, туку заради него, да не забега толку и да им сместува на луѓе и тешки обвинувања, како тоа за некакви ГОТВАЧИ на крвава војна во Македнија.

Сега чекам и оној Нонковиќ од таборот на шоуменот Миленко, и него ЗНМ да го брани со соопштение оти, ете, вербално го нападнал активистот Сарачини што јавно му напишал дека е наркоман и пеел во Маракана нафиксан. Да, да, провладините дигнаа цела врева, те сакал да го убие, те го тепал со шипка, и овој нормално му гостуваше во ударните вести на професор др Латас. Реков ај да видам што било тоа, Нонковиќ туц-муц, шипка, ама не, сталак, ме нападна ама не физички, само ми се дереше…

И толку за тоа од тој де, како што Лаки го престави профи новинар по бриселски стандарди. Ама гостувањето имало чинам друга цел, онака по бриселски терк, новинарот да распали, да пресудува за тој нивниот Пуч, и пазете, ве молам, да ја има честа, каде ако не во вестите на професорот, да ОБЗНАНЕЛ „ексклузивка“. Колку што запамтив од тоа негово лупетање, му дојавиле дур во Брисел дека во Битола почнувала некоја група со иницијатива фондацијата Сорос да биде избркана од Македонија. Не можеше да скрие пустиот, туку си кажа дека ептен ќе се израдувал ако тоа се случи. Ќе секнеле демек пари за клетите новинари, претпоставувам на нас што ете не сакаме а не дека не можеме да се построиме во фалангата новинарска каде тие маршираат за да кешираат.

А бре Нонковиќ, ако ви пријдеме во вашите редови лошо ќе биде за вас, биди сигурен, Грујо ќе не пречека, тврдам, со широко отворени раце, ќе бидеме ние генерали а вие најмногу десетари на неговата медиумска војска. Немој да мислите дека каков и да е, дека Грујо не знае дека подобро би му било да го има, еве Борјан наместо Лаки, Кате наместо Ивона, Јадранка наместо Мирка, мене наместо шоуменот од канал 5, Попетревски наместо Гоги пудра, и така редум. Ама што да прави, пробал Грујо, не дека не пробал, ама сфати дека не секој може да го купи, оти едноставно, не му е професијата стока за продавање.

Е затоа, за мене ни Дејан ни Нонковиќ, се некакви жртви оти пишувале професионално, туку напротив, оти измислувале, по задача или не, сеедно, за да го оцрнат, и ако може да го дисквалификуваат „непријателот“. Јас таквите, си земам за право, да ги сметам за ЈАНИЧАРИ НАДНИЧАРИ.

И на крај за ЗНМ во која никогаш не сум се зачленил, но секогаш ја имала мојата подршка. Онаа на Латас, едноставно не ја есапам а и не ни размислувам што и како прави. Е во духот на слободоумноста, си земам за право да кажам дека се ми се чини оти претседателот Насер Селмани има некаков анимозитет кон нашиот Новинарски пленум, група новинари кои собрани пред МТВ решивме онака партизански да стокмиме агенда со првична цел, докрај да разобличиме дека МТВ е тврд партиски сервис. Зошто МТВ, а не другите. Па неа прво затоа што за неа на сите на сила ни земаат пари, на граганите од сметките им ги одземаат последните денари, им блокираат сметки, да немаат за леб ама да плаќаат за нешто што, убеден сум, огромен дел ниту ја вклучува, ниту ја гледа.

И што ми е муабетот. Не дека се увредив што Гоги и компанија не не удостоија со муабет на кој ги поканивме, напротив, нека мислат дека ни одржале лекција. Е ако де, нека се радуваат, туку ме збуни оној од ЗНМ, Насер. Ај што не игнорира, негов проблем е тоа, туку седна, со кој ако не, со пусти Столе на тв да ни држат, брате, лекција. Да ми кажуваше некој немаше да верувам, па ние од пленумот сме им вршеле притисок политички, па не знам агенда темпирана веројатно од опозицијата и такви глупости. Да гледаш и да се чудиш, толку ли им е умот или стварно мислат дека тоа што МТВ која никогаш не била сервис на граѓаните како што треба, сега е најцрн сервис на Грујо. Јавен сервис кој, на пример, опозициски бомби не објавува, ама тајните снимања на гостите во премиерскиот кабинет, со дозвола на Груевски, се разбира, ги објавува без око да им трепне. Да не зборуваме за криењето зад куририте и нивните црни текстови ги читаат на долго и широко оти така Мартинчо му наредил преку ајфонот на Гоги.

Столе, му се чудев на умот, кука од нас, Насер „загрижено“ клима со главата и оп, заеднички заклучок, уредувачкиот тим имал право да ја утврди политиката како ќе известува а тие што ги плаќаат а се незадоволни, излегува дека треба да молчат, да не ги реметат во преродбеничката улога. Свашта…

Првиот човек на ЗНМ не застана тука, во чинам опседнатоста на нашиот пленум. Додуша приватно на неговиот Фејсбук, не со печат од ЗНМ, ги „построи“ опозициските медиуми де, оние што ги следат и објавуваат бомбите, дека, според него сме биле селективни. Демек снимката каде што Латас и Мијалков алапачираат покрај друго и за БЦ и негово мешетарење околу Жерновски и Стевчо, сме ја рипнале. Ноторна лага. Не само што ја објавивме, туку и од Црвенковски пренесовме реакција, туку Насер или ја преспал или така му чини.

Неисе, врв на се, според мене, е најновата иницијатива на ЗНМ, демек ќе била во улога на медијатар, ќе не помирувала нас пленумците со дрим тимот на МТВ. А бре луѓе,не се работи за кавга, ниту за желба да им го земеме местото нивно, скраја да е, ниту пак престолот на Насер. Таман работа, уште тоа ни фали. Мене ми пречи, да бидам искрен, демек ние не можеме, ама ЗНМ ќе ни го донесе Гоги ВИП од МТВ на разговор, па дури и министер во негова придружба, да сме разговарале како државната телевизија да била јавен сервис. ЦЦЦ, а они не знаат нели, па ние треба да млатиме празна слама со нив, исто како што не знаат дека новинарството што некогаш го работеле сега го свеле на обични трубење по нотите на Грујо и Мартинчо.

И за крај, се знае што е јавен сервис, ене им ја ХТВ, не мора подалеку. Се е измислено, светот не чека ние да откриеме топла вода. Кај нас, проблемот е што никогаш досега, никој немал муда, да стисне заби, да биде имун на нарачките од било која власт. Овие пак, сега актуелниов владин дрим тим, ниту има стискавец а не ни сака. Нека ми простат, ама ја мислам дека друг им е мотивот. Туку убеден сум, евтини се, Лаки за нив е доктор, он тоа што би рекол неговиот Ѕинго, добро го тоа прави и уновчува.

Ацо Кабранов

Најнови вести

Најново од Ракурс, Ударни вести

Најчитани вести