Наместо да ги тераат вообичаените свадбени адети и да ги потрошат парите за веселба на своите пријатели, млада брачна двојка од Турција решила на својата прослава да покани и 4.000 бегалци од соседна Сирија, пишува „Индепенднт“.
Фетула Узумџоглу и Езра Полат се венчале во градот Килис на границата со Сирија, област во која има илјадници бегалци од соседната земја.
Традиционално, свадбите таму траат од вторник до четврток и завршуваат со банкет, но оваа млада брачна двојка решила тоа да го направи поинаку. На идејата да се сподели радоста на младите со бегалците дошол таткото на младоженецот, а семејствата бргу се договориле сите трошоци за свадбата да се насочат кон нив.

– Ми се чинеше несоодветно нашите семејства и пријателите да се гоштеваат со богати софри додека околу нас има толку многу гладни луѓе. Му кажав на синот и ме радува што тој веднаш прифати да ја споделиме радоста со помалку среќните од нас – рекол дедото Али Узумџоглу.
Со дополнителна помош на тамошните хуманитарни организации, свадбата била искористена да се нагостат 4.000 бегалци. Славениците и самите делеле храна, а нивните семејства се пресреќни што младите прифатиле својот заеднички живот да го почнат на еден таков несебичен начин.
– Да се гледа среќата и радоста во очите на сириските бегалци беа бесценети моменти. Го почнавме нашето заедничко патување правејќи други луѓе среќни и тоа чувство е прекрасно – изјави младата Езра Полат. Таа додаде дека и нивни пријатели посакале да го сторат истото на своите свадби.


