Дека љубовта нема граници, докажал Индиецот кој за својата сопруга буквално ја преполовил планината. За тоа му биле потребни дури 22 години, но не ни помислувал да се откаже и затоа приказната за неговото импресивно дело сега ќе стане боливудски филм, пишува „Дејли мејл“.
Ја намалил оддалеченоста за 40 километри
Дашрат Манџи, припадник на најсиромашната индиска каста, ја изгубил сопругата Фалгуни во 1959 година бидејќи не добила лекарска помош навреме. Фалгуни не стасала до болницата, бидејќи од своето село до болницата морале да ја обиколат планината која води до најблискиот град оддалечен 55 километри. Болката и тагата поради губитокот на саканата жена Манџи одлучил да ги покаже на необичен начин. Цврсто одлучил дека планината Гехлур сместена во источен Бихар, која на некој начин е виновна за смртта на неговата сопруга, повеќе никогаш никому нема да го создаде истиот проблем.
Манџи го зел длетото во рацете, и не го испуштал ден и ноќ. Ја пробивал (засекувал) планината по средината, па неговите мали засеци набрзо се претворале во се поголеми, додека конечно не успеал да ја намали оддалеченоста од 55 км на само 15 км. Во 1982 пробил патче од 110 метри кои на некои места било широко дури девет метри.
Го прогласувале за луд
– Оваа приказна е прекрасна и, пред се, инспиративна. Тој докажал дека нешто наизглед невозможно е, всушност, возможно, ако тоа силно го посакувате. Она што го направил им помогнало на илјадници луѓе – рекол Навазудин Сидикви, боливудскиот актер кој во филмот ќе го отелотвори Манџи. Филмот ќе се вика „Манџи – планински човек“, а Сидикви признава дека да се отелотвори Манџи во некои моменти не било нималку едноставно.
– Најтешко ми беше да се фати аспектот на тој негов фанатизам. Она што тој го направил е извонредно. Такво нешто би требало да биде пример на младите – рекол Сидикви за АФП.
Манџи бил свесен дека мештаните го прогласувале за луд кога почнал со разбивањето на планината. Но, по неколку години упорно работење, сфатиле дека на сите, всушност, им прави услуга.
По неговиот макотрпен труд, срамотна е информацијата дека на локалните власти им требало дури три децении преминот кој го направил да го претворат во вистински пат. Манџи рекол дека бил воодушевен кога видел дека успеал во својот наум.



