Царинската управа вчера откри фабрика за производство на фалсификувани патики од познати брендови, која функционирала во подрумски простории во општина Чаир.
– При претрес во работилницата се затекнати и приведени лица кои изработувале спортски обувки, 154 пара готови обувки за испорака со лого на познати трговски марки, повеќе машини со кои е вршено производството, како и обувки во фаза на изработка, голема количина репроматеријал, етикети, апликации, горништа и ѓонови од кои би се произвела поголема количина обувки – информира денеска на прес-конференција директорката на Царинската управа, Наташа Радевска Крстевска.
Нелегалната работилница е откриена по добиена разузнавачка информација и неколку месечна интензивна истрага. Производите и машините се привремено одземени, а по комплетирање на сите докази Царинската управа против осомничените ќе поднесе кривична пријава за кривично дело „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“.


