„Кунем те животе што си мене казнио“

Коегзистираме во општество во кое може да се полемизира за проблемите и за предизвиците пред кои сме исправени во многу најразлични сегменти и области од општественото живеење. Во исто време коегзистираме во општество во кое недостасува инспирација, страст и смисла за да се егзистира. Но, се повеќе се полемизира. Многу експерти и бука, а малку ука и поука. Зошто?

Исправени сме пред многу предизвици, но клекнати сме пред сопствената сенка. Се гушиме во хроничната баналност и апсурдност која ние самите ја произведуваме. Ерозираме и се разголуваме до непрепознатливост. Лутаме. Зошто?

Овде не владее хаосот. Овде владее хируршки менаџиран систем на подпросечност. Забранети се прогресивноста, авангардата и промената. Забранети се едукацијата и усовршувањето. Во системот на подпросечности не може да постои инспирација и страст. Тие се далечни за нас. Многу далечни. Зошто?

Немаме доволно финансии за да си ги подмириме основните животни трошоци. Немаме пари за храна и за лекување. Но, се плашиме да им кажеме да нашите министри “да одат по ѓаволите”. Напротив кога би се појавиле пред нас, ние инстантно би клекнале пред нив. Би им ги љубеле и кондурите. Имаме маски. Поради страв. И лицемерие. Зошто?

Нашите другари и собраќа си заминуваат одовде. Ние немо ги следиме. Не бараме начин како да ги разубедиме и заедно да коегзистираме овде. Заедно да градиме позитивна синергија. Туку бараме начин како да им се придружиме. Зошто?

Имаме реклами за многудетни семејства, а се помалку деца. Имаме субвенционирани патриотски мелодии, а се повеќе раселени собраќа. Имаме реклами за безбедност во сообраќајот, а се повеќе несреќи. Имаме реформи во здравството, а се повеќе смртност. Имаме реформи во образованието, а се повеќе неписменост. Трошиме за чоколади, а немаме за леб. Зошто?

Медиумските продукти како “К-15”, “Умни глави”, “Големи и мали” или “Опстанок” ги заменивме со “Јади Бурек”, “Миленко”, “Баба Рада” и “Звездите на Гранд”. Всушност, не ги заменивме. Ги забранивме. Не ги сакаме новите наметнати медиумски лудории, но не бараме поразлични и поквалитетни продукти. Само саможртвено се обвиваме во носталгија. Летаргично и изгубено. Зошто?

Се збогувавме со многу култни места. Добивме барок. Не го сакаме барокот. Тој не е наш. Но, не се бунтуваме. И несакајќи тој станува дел од нас. Така и коегзистираме. Така љубиме. Така живееме. Навидум динамично, но во суштина инертно. Предадени и продадени на механиката. Како ефтини махиналци. Зошто?

Се плашиме од полицијата која треба да не штити. Се плашиме од државните службеници кои ние ги плаќаме да ни обезбедат подобра институционална инфраструктура. Се плашиме од успесите на другите. Пред некој да биде успешен тој мора да биде или масон, или бандит, или проститутка за да му го верификуваме патот до успехот. Ние така мислиме. А ние така мислиме, затоа што не размислуваме! Зошто? …

… Затоа што спиеме. Затоа што сме заспани. Затоа што не живееме. Туку само го одржуваме животот во нашите тела. И се додека не сме подготвени да ја истрпиме болката од сопствените шамари за да се разбудиме и освестиме, ќе не шамара – (навидум) животот. А ние ќе коегзистираме не забележувајќи ја нашата заспаност и баналност; и мрморејќи ја српската реплика: “Кунем те животе што си мене казнио”, додека пополека ги губиме воздишките и здивот, самоказнувајќи се!

Пишува: Перо Костадинов

Најнови вести

Најново од Ракурс, Топ Вести

Најчитани вести