Министерството за внатрешни работи поднесе кривични пријави против претседателот и членови на Регулаторната комисија за енергетика, кои се осомничени за злоупотреба на службена положба и овластување.
Кривична пријава е поднесена против П.Д. (49) од Кратово, претседател на РКЕ и членовите С.Ј. (59) и Е.М.В. (49) од Скопје и В.К. (62) од Битола, кои како што се наведува во соопштението, постапувајќи спротивно на законските прописи сториле кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување и го оштетиле буџетот за 8.056.293 денари.
Пријавените во текот на 2012 година ја злоупотребиле својата службена положба и овластување и постапиле спротивно од Правилникот за плати, надоместоци на плати и други материјални права на вработените во РКЕ и донеле одлука за исплата на работна успешност за 2012 година, со која се одобрува исплата на плата на сите вработени во износ од 100% од нивната плата. При тоа на сите вработени биле исплатени плати во вкупен износ од 1.351.822 денари, иако во правилникот за плати на РКЕ работната успешност на секој вработен се пресметува најмногу во износ зголемен или намален за 10% од основната плата.
Од П.Д. од 2009 до 2013 година спротивно на Законот за јавни набавки, во постапката за привремени вработувања не е спроведена постапка за јавна набавка за услуги туку биле склучени директни договори за привремено вработување помеѓу Регулаторната комисија за енергетика и Агенцијата за привремени вработувања. При што неосновано биле исплатени 2.304.136 денари за плати и други надоместоци за две лица, иако тие се вклучени и планирани во годишниот план за јавни набавки.
Од 2010 до 2012 година од страна на пријавените биле ангажирани лица од вработените во Регулаторната комисија во својство на експерти за изработка на стручни анализи, без спроведување на јавна набавка, за чија работа првопријавениот склучува договор за авторски дела со ангажираните лица, застапувани од Авторското правно биро на РМ и со одлуки донесени од него и од пријавените. На ангажираните лица им бил исплатен надоместок за авторско дело иако според Законот за авторско права и сродни права овие дела би можеле да бидат само авторски дела од работен однос и исплатата на паричните средства за ваквите трудови да биде како исплата за авторско дело од работен однос, а не тие да се исплаќаат преку Авторска агенција како авторско дело од договор за нарачка. Со тоа е извршена незаконска исплата на 4.400.335 денари за авторски дела на 14 вработени во Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија.


