Македонија протестира величенствено!

Македонија е на нозе! Македонија протестира енергично! Граѓаните кои што се на улиците бликаат со самодоверба, живост и решителност. Тука сме, самоиницијативно, без директиви и притисоци. Не протестираме против Македонија, како што медиумските слуги на режимот се обидуваат да не стигматизираат, туку протестираме за себе и за нова, прогресивна Македонија. Протестираме против континуираното сеење на магла и мастурбирање врз нашата интелигенција. Протестираме против криминалот и злоупотребите на службената должност. Протестираме против уништените перспективи и години. Не протестираме дефетистички туку со искрени намери и исклучителни мотиви. Сакаме Македонија да биде едно општество. Општество во кое ќе се почитуваат различностите, општество кое ќе се фузира со современиот и модерен свет, и општество во кое ќе постојат здрави критериуми и вредности. Протестираме за да, во идинина власта биде слуга на граѓаните, а не обратно, како што е сега!

Создаваме убава синергија. Ниту ја уништуваме државата преку црно сценарио, ниту сме за тоа платени, или пак хулигани. Напротив, само ја враќаме државата назад на граѓаните и ја допираме слободата. Ја демонтираме веќе демаскираната власт, нејзините облици и нејзините гротескни грдосии. Народната канцеларијата на претседателот е на граѓаните. Триумфалната порта е на граѓаните. Собранието на РМ е на граѓаните. Јавниот сервис е на граѓаните. Полицијата е на граѓаните. Да биде иронијата поголема и седиштето на ВМРО е на граѓаните. И тоа е аутпут создаден од наши инпути. Да нема дилеми!

Нека не им пречи шкртањето по Триумфалната порта на медиумските слуги на режимот кои што овие десет години се всушност најголемите хулигани и убијци на нашето граѓанство и индина. Нека не се повикуваат на лажниот морал и емоција. Доколку тие новинари и медиуми имаа грам морал, свест и совест многу повеќе од шкртањето по грдосиите (направени со наши средства) ќе ги болеше уништувањето на оваа држава, уништувањето на нејзините институции и континуираното иселување на овој народ. Ќе ги болеше смртта на Тамара и убиството на Мартин Нешковски. Доста ни е од лицемерие!

Оние кои одат на контрапротестите не ги оправдуваме, но мораме да ги разбереме со сета нивна апсурност. Груевизмот изминатите десет години на ова парче земја пронајде плодна почва за живот со страв и подпросечност, и го насади своето семе. Семето на диктатурата. Макотрпно, изминатите години создаваше свои верни апологети и слуги, па следствено на тоа, денес многу е тешко набрзина да се ослободат многуте латентно заробени граѓани од страна на груевизмот. Затоа да не ги осудуваме, треба да ги разбереме. Ќе не разберат и тие. Многу скоро!

Немаме никаква потреба да ги повикуваме ниту јавните личности да ни се придружат во протестите против режимот. Доколку и после десет години тие и понатаму не ја увиделе тортурата, уништените вредности и не го почувствувале поривот за борба, за позитивни промени и за слободна Македонија тоа нема да го увидат ниту денес. Всушност, режимот изминатите години имаше за цел тотално да го намали и задуши јавното влијание и делување на сите уметници, професори, новинари, интелектуалци, лекари и активисти. Не смееше да има некој друг со поголема репутација и влијание. Тоа место му припаѓаше единствено и само на фирерот. Многу јавни личности, а всушност само застарени апарати за бела техника лукративно и опортунистички му се предадоа на фирерот. Зошто баш тие, би ни требале сега?! Сега само би им направиле услуга. Само би ги анимирале и би ги оживеале истите. Немаме потреба од нив. Навистина немаме! Тие имаат потреба од нас. Кога тие би го сфатиле тоа веќе би биле во првите редови на барикадите!

Груевизмот изминатите години, системски и одвнатре ја уништуваше силната индивидуа, го масакрираше граѓанинот и го злоупотребуваше народот криејќи се зад него. Затоа, другарки и другари, наредниот период мораме да бидеме синергизирани граѓани и непоколебливи индивудуи. Без суети. Мораме да покажеме истрајност и дополнителен пркос. Не мораме да повикуваме никого да ни се приклучи бидејќи Македонија можеби пополека, но сигурно се буди! Можеби овие неколку денови по малку не иритираат сите оние кои со еден килограм шминка чекорат низ скопските улици, сите оние кои кои со саати гледаат во телетекстот во некоја кладилница или сите оние кои немо не одминуваат и ја наведнуваат главата додека ние пркосно маршираме. Нека ги, ќе пркосиме и ќе се бориме и за нив.

Пишува: Перо Костадинов

Најнови вести

Најново од Ударни вести, Хроника

Најчитани вести