Град Скопје ја информира јавноста дека во последните дванаесет дена забележен е рекорден број на туристи кои го посетуваат главниот град со што Скопје станува една од најпосетуваните дестинации во регионот.
„Последните денови сведоци сме на масовна посетеност на нашиот град. Илјадници луѓе секојдневно ги посетуваат најпознатите локации во центарот на градот. Станува збор за посетители од сите градови на Македонија, а ако им се верува на Сител и Курир, а праксата покажа дека нема зошто да не им се верува, во градот доаѓаат бројни туристи и од Србија, Косово, Бугарија и Грција. Она што се случува во Скопје последните две недели е појава и развој на еден нов вид туризам, популарно наречен „протест-туризам“ што во голема мера може да ни помогне да се искачиме некое место погоре на листата на најинвентивни градови во светот, каде моментално сме убедливо први на последното место. Дополнително, фактот што најпосетувани објекти се објектите од проектот Скопје 2014 уште еднаш ја докажува економската и естетската вредност на проектот“ стои во соопштението од Град Скопје.
Извор: Козаностра


