Чудно и мистериозно е што пред два дена беше провален станот кој се наоѓа во истата зграда но спрат подолу од станот во кој беше пронајден мртов Коста Крпач велат во неофицијалниот разговор за 24 вести извори од МВР.
Сепак за сега тврдат не се најдени никакви докази кои укажуваат на некаква поврзаност меѓу двата случаи. Она што се очекува се резултатите од обдукцијата од Институтот за судска медицина кои деновиве треба да излезат, бидејќи од нив зависи и понатамошниот тек на истражните дејства .
Случајот со сведокот на СЈО отвори низа полемики во јавноста оклу неговата смрт. И натаму е нејасно како лицето се нашло на листата на помилувани, а одговор нема ниту од кабинетот на претседателот Иванов.
Извори за БИРН пак тврдат дека кога претседателот ги носел одлуките за аболиција, првично се раководел од поднесените кривични пријави на опозицијата, а за да го стори тоа, морал да има пристап до предметите во Јавното обвинителство со кое раководи Марко Зврлевски, како и соработка со Кривичниот суд.
Од СЈО пак веднаш по смртта на Крпач информираа дека против него не била водена кривична постапка и дека сам се пријавил како сведок а соработката со него им била беспрекорна. Дел од медиумите пак неофицијално пренесуваа дека надлежен јавен обвинител ќе побара одговор од Специјалното јавно обвинителство за тоа како тоа работело на случајот.
Дополнителна дилема која се наметна во јавноста се и двата претреси во неговиот дом на почетокот од април по барање на СЈО а со наредба одобрена од судот.
Едно од најделикатните прашања и натаму останува тоа кој вршел притисок врз лицето. СЈО тврдеше дека поседува докази за тоа но засега велат не ги откриваат бидејќи се работи за строго доверливи информации.
40 годишниот Коста Крпач е познат како академски сликар, но и директор на фирмата Финзи со седиште во Кипар.
Веќе 6 ден како по неговата смрт сите мистериозни прашања останаа неодговорени.
Извор: 24 Вести


